9.8 C
Скопје
14 февруари, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИСВЕТ

Хаос во Бундестагот, лоша недела за демократијата

Пропадна обидот на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц да ги искористи гласовите на екстремната десница за да протурка построг закон за мигрантите. Но, нанесена е голема штета на демократијата, пишуваат германските весници.

По вчерашниот (31 јануари, 2025) турбулентен ден во германскиот парламент, Бундестагот, во кој пропадна обидот на Фридрих Мерц да донесе закон за одредено заострување на миграциската политика со помош на гласовите од на екстремната десница, коментаторите во германските весници главно се согласуваат дека станува збор за тектонски промени во политичка архитектура во земјата. Прекршено е едно табу, срушен е таканаречениот „противпожарен ѕид“ кој демократските партии го подигнаа против екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AфД).

Како главен одговорен за тоа коментаторот на либералниот весник Зиддојче цајтунг од Минхен го гледа Мерц, претседателот на најсилната опозициска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и моментално најверојатниот кандидат за нов германски канцелар по изборите на 23-ти февруари. „Ретко еден човек предизвикал толкав хаос во Бундестагот како Фридрих Мерц неделава“, пишува Зидојче цајтунг.
„Без никаква потреба го доведе парламентот во криза и без план, ја доведе сопствената партија во морална кал со формирање заедничко мнозинство со десничарските екстремисти. За Мерц тоа заврши со двоен пораз. Унијата и ФДП (Либералната партија) гласаа заедно со АфД, но не постигнаа мнозинство. Така, заштитниот ѕид кон десницата претрпе штета без Мерц да постигне ништо конкретно. Добро е што не беше донесен ниту еден закон со помош на АфД. Сепак, предизборната кампања достигна најниска точка, која ќе има последици долго по 23 февруари“, прогнозира Зиддојче цајтунг.

Поразениот Фридрих Мерц во Бундестагот на 31 јануари, 2025 година
Поразениот Фридрих Мерц во Бундестагот на 31 јануари, 2025 годинаФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Весникот Франкфуртер Рундшау од Франкфурт на Мајна го критикува кандидатот за канцелар на партиите на Унијата – ЦДУ и ЦСУ. „Фридрих Мерц го прекрши зборот. Во ноември, претседателот на пратеничката група на Унијата изјави дека во никој случај не сака да обезбеди мнозинство со ‘оние таму’ од АфД. Тоа беше силна изјава, тој звучеше самоуверено и веродостојно. А потоа веќе во средата, обезбеди мнозинство со помош на АфД за еден предлог за миграциската политика. Ова е голем триумф за AфД, која делумно е радикална десница. И тоа е потенцијал за поделба на демократското општество во Германија. Човек кој сака да стане канцелар и кому, поради недостаток на апсолутно мнозинство, ќе му биде потребен коалициски партнер, веќе сега, како опозициски политичар ја одбива макотрпната потрага по компромис“, критикува Франкфуртер Рундшау.

Тино Хрупала и Алис Вајдел: Задоволни лица на лидерите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД)
Тино Хрупала и Алис Вајдел: Задоволни лица на лидерите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД)Фотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

И весникот Меркише Одерцајтунг од другиот Франкфурт, оној на реката Одра, смета дека последните маневри на Мерц во Бундестагот ги зајакнале сомнежите за неговите квалификации за функцијата канцелар: „Останува неизвесно како ќе завршат работите за него на 23 февруари“. Не е исклучено неговата миграциска политика да привлече повеќе гласачи отколку што ги одби со неговиот однос кон АфД. Сепак, демохристијанинот ја пропушти можноста да ги помири страсното залагање на нешто и студената калкулација. Тоа би било нешто навистина ново за земјата“, пишува Меркише Одерцајтунг.

А, весникот Фолксштиме од Магдебург доаѓа до следниот заклучок за седницата на Бундестагот: „Фактот што предлогот не помина нема големи последици, но пораката која им се испраќа на граѓаните е дека политичкиот центар не ги решава проблемите. Шокантно беше да се види како центристичките партии се однесуваа една кон друга, и тоа кусо пред изборите. Унијата и ФДП од една страна и СПД и Зелените од друга, се наоѓаат во загрижувачки непомирливи позиции. Набљудувачите дури зборуваа за ‘масакр’. Прашање е како партиите ќе најдат заеднички јазик по изборите. Само една партија има корист од ова – АфД. Таа вчера веќе тестираше напад на Унијата. Оваа недела не беше добра за демократијата“, заклучува Фолксштиме. /DW

Related posts

Ахмети над законот- кажува што не може да прави Уставен суд

admin

НИНИСТО- ТУРЦИЈА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ЧЛЕНСТВОТО НА ФИНСКА ВО НАТО

ninja

ДПА и Мендух Тачи го напуштаат Европскиот Фронт – Политичка пресвртница!

admin

ТРГОВЦИТЕ ТАКТИЗИРААТ СО СНИЖУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ПРЕХРАНБЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ

ninja

Милановиќ обезбеди историска победа на претседателските избори: ХДЗ во шок

admin

Која е целта на Законот за амнестија?

admin