Пишува: Џелал Незири
Доналд Трамп, американскиот претседател кој го започна својот втор мандат, предизвика политички и трговски земјотрес во САД и светот уште во првиот месец на функцијата. Неговата доктрина ги загрижува НАТО и ЕУ, кои претставуваат најголем дел од Западот, додека за Истокот и Глобалниот Југ таа е голема непозната. Со други зборови, светот е во исчекување и неизвесност за следните потези на Трамп.
За подобро да разбереме што има намера да направи тој, освен фактот што е поборник на конзервативната или десничарската идеологија, треба да се разгледа и аспектот на политичките теории што тој ги претставува во меѓународните односи. Додека идеолошкиот аспект е важен за предвидување на политиките и реформите внатре во САД, политичката теорија може да ни помогне да ја разбереме неговата надворешнополитичка стратегија.
За разлика од поранешниот либерален демократски претседател Џо Бајден, Трамп припаѓа на реалистичката школа во надворешната политика. Оваа политика се рефлектира и кај раководителот на американската дипломатија, Марко Рубио, како и кај другите државни секретари.
Што е реализам во меѓународните односи?
Античкиот грчки историчар Тукидид, кој се смета за основоположник на оваа школа, го гледал светот како анархична сцена, каде „силниот го прави она што треба, а слабиот го прифаќа (пати) она што мора“. Според реалистите, светот е огромна џунгла без закони, каде државите постојано се натпреваруваат (или војуваат) за поголемо влијание. Во нивната оптика, меѓународните организации, унии или сојузи не треба да имаат улога што ќе ги заменува државите. Токму моќта на државите ја одредува нивната позиција во светскиот поредок, а не вредностите или принципите што ги промовираат тие организации, унии и сојузи.
Всушност, реализамот како политичка теорија ги карактеризира меѓународните односи во последните 150 години. Првата и Втората светска војна, како и Студената војна, не успеаја да создадат средина во која меѓународните институции ќе играат значајна улога во зачувувањето на мирот, ниту пак државите ќе се водат според таканаречениот меѓународен морал.
Реализмот и либерализмот остануваат двете главни политички теории во меѓународните односи. Поддржувачите на реализамот веруваат дека во анархичен свет само државата може да ги заштити своите граѓани. Според нив, државите се во постојан конфликт за заштита на нивните национални интереси, па затоа тие треба да бидат единствен фактор во меѓународните односи. Вредностите, принципите или разумот – сметаат тие – не треба да бидат пречка за постигнување на државните цели. Главната цел на реалистите е безбедноста на државата, а за да се постигне таа цел, неопходно е да се осигура рамнотежа на моќта меѓу државите. Според нив, државите не треба да зависат една од друга, бидејќи постојано се во потенцијален конфликт и непријателство.
Балканот е дел од оваа слика – регион што често е синоним за национализам, омраза и војни меѓу народите што живеат таму. По завршувањето на Студената војна и почетокот на распадот на Југославија во 1990-тите, реализамот стана единствениот пристап во меѓудржавните односи во регионот.
Либералистите, пак, сметаат дека државите се важни актери во меѓународните односи, но не и единствени. Во овој контекст, актери од политичкото, граѓанското и економското општество, како што се невладините организации, трговските комори, граѓанските здруженија итн., исто така можат да играат значајна улога. Наместо анархија, либералите меѓународните односи ги гледаат пооптимистички, истакнувајќи го поредокот и можната хармонија заснована на меѓународните морални вредности.
Реалистите претпочитаат конкуренција, додека либералите соработка. Првите веруваат дека влијанието може да се постигне само преку „тврда моќ“, како што е воената интервенција, додека вторите повикуваат на користење „мека моќ“, односно влијание преку дипломатски канали, финансиска помош, трговски привилегии, инвестиции и други поволности. Либералите го условуваат соработката со другите држави со демократските вредности, почитувањето на човековите права, достоинството и слободите. Според нив, ако државите споделуваат исти демократски вредности, тие имаат помала веројатност за меѓусебен конфликт. Напротив, демократиите се повеќе склони кон конфликти со авторитарни, диктаторски или други недемократски режими.
За реалистите, не е важно дали државата со која соработуваат ги негува овие вредности – важно е само соработката да биде во интерес на државата и нејзината безбедност. Експортирањето на демократијата, вредностите или меѓународниот морал во трети земји, според нив, е губење време и ресурси. Примери за ова се Ирак и Авганистан, каде САД не успеаја да создадат демократски систем.
Трамп се врати моќно и темелно го менува светот. Наместо светски поредок заснован на правила, тој воведува поредок заснован на сила. Ова предвидува поагресивна американска дипломатија на Балканот, со цел брзо решавање на проблемите, без одолговлекување со дипломатски протоколи, принципи или демократски вредности. Според Трамповата доктрина на „моќ за мир“, важност нема кој е во право, туку кој е посилен.