19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Германија: Стотици милијарди за армијата и инфраструктурата

„Што и да е потребно“ – ЦДУ/ЦСУ и СПД посегаат длабоко во државниот џеб: кочницата за задолжување веќе нема да важи за воените трошоци. За дотраената инфраструктура се предвидени 500 милијарди евра.

Конзервативната Унија (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократската СПД во Берлин забрзано разговараат и утврдуваат дали има заедничка основа за заедничко владеење. Голема улога притоа игра огромната дупка во државната каса. Финансиската ревизија на почетокот на сондирачките разговори откри дека во следните четири години најмалку 130 милијарди евра нема да бидат покриени од буџетски приходи.

Но тоа не е сѐ. Врвните германски економисти пресметаа дека ќе бидат потребни околу 400 милијарди евра за натамошно вооружување и опремување на Бундесверот во наредните години. Во исто време, потребни се и околу 500 милијарди евра за санација на дотраената инфраструктура во Германија, или за изградба на нови инфраструктурни објекти, вклучително и патишта, мостови и железничка мрежа.

Исклучоци од должничката кочница

Потенцијалните коалициски партнери сега извлекуваат заклучоци од овие бројки. Сите трошоци за одбрана над еден процент од брутодомашниот производ ќе бидат ослободени од ограничувањата на должничката кочница, рече лидерот на ЦДУ и веројатно иден канцелар Фридрих Мерц. Кочницата за задолжување е правило впишано во Уставот, според кое државата треба да стопанисува штедливо и може да троши само онолку пари колку што добива. „Со оглед на заканите за нашата слобода и мирот на нашиот континент, и за нашата одбрана сега мора да важи ‘што и да е потребно’“, рече Мерц.

Покрај тоа, треба да се создаде нов посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктурни трошоци за период од десет години. Од тоа, сојузните покраини треба да добијат 100 милијарди евра. „Конечно го решаваме инвестицискиот застој во нашата земја“, рече лидерот на СПД ,Ларс Клингбајл. Промената на должничката кочница во иднина треба и да им овозможи на покраините минимално да се задолжуваат. Досега тоа можеше да го прави само сојузната влада. Сега на сите ќе им биде дозволено да земаат заеми до 0,35 отсто од својот брутодомашен производ, односно од економското постигнување.

На потег е стариот состав на Бундестагот

Пратеничките групи на ЦДУ/ЦСУ и СПД следната недела планираат до Бундестагот да достават предлози за измена на Уставот. За ова е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. ЦДУ/ЦСУ и СПД го имаат тоа доколку Зелените гласаат „за“, што тие веќе го сигнализираа.

Иако новиот парламент беше избран на 23 февруари, но до неговата прва седница на 24 марти функционира стариот состав на Бундестагот. Во новиот состав,  за да се постигне двотретинско мнозинство ќе бидат потребни или Левицата или делумно десноекстремната АфД. АфД отфрла промена на должничката кочница, а Левицата е против повисоки воени трошоци.

Специјален фонд и покрај должничката кочница – како е тоа можно?

Сумата која сега треба да се собере е огромна, се работи за многу милијарди евра. За да се сфати за колку пари се работи, еве споредба: целиот сојузен буџет во 2024 година изнесуваше 467 милијарди евра. Од нив 25 милијарди евра се финансирани од заеми, останатите се од приходи од даноци и давачки. Така, буџетот за 2024 година ги исполни барањата на должничката кочница.

Кристијан Линднер (ФДП)
Кристијан Линднер (ФДП), сојузен министер за финансии до колапсот на „семафор коалицијата“, беше цврст поборник за должничката кочница Фотографија: Soeren Stache/picture alliance/dpa

Посебните фондови се делови од имотот на државата со кои се управува одделно од нормалниот буџет. Затоа, за нив не важи должничката сопирачка. Покрај тоа, тие не мора да се одобруваат годишно од парламентот, туку само еднаш со двотретинско мнозинство и во Бундестагот и во Бундесратот. Тие пари потоа може да се трошат во текот на повеќе години.

Нема средства, туку долгови

Критичарите зборуваат за буџети во сенка или за креативно управување со буџетот. Против тоа е и Државниот завод за ревизија. Во 2023 година, заводот, кој го надгледува буџетското и финансиското управување од страна на сојузната влада, направи критички извештај за специјалните фондови. Во него се наведува дека всушност би било попрецизно да се зборува за „посебни долгови“, бидејќи тие се „главно издвоени долгови“.

Севкупно, Заводот за ревизија изброи 29 постоечки специјални фондови, од кои најстариот датира од 1950-тите. Всушност, историјата на специјалните фондови е долга. Еден од првите по Втората светска војна беше финансиран од средствата што САД ги обезбедија за обнова на европските држави како дел од Маршаловиот план.

Еден од поголемите специјални фондови беше Фондот за стабилизација на финансискиот пазар, кој беше создаден за време на финансиската криза во 2008 година и имаше одобрение за кредит од 90 милијарди евра во тоа време. Во 2020 година, беше основан Фондот за економска стабилизација (ЕСФ) за да се делува против економските и социјалните влијанија на пандемијата на коронавирусот врз економијата.

мост Карола Дрезден
Илјадници мостови во Германија се дотраени и треба итно да се реновираат – за да не се урнат како мостот Карола во Дрезден Фотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance
Уставниот суд ги ограничи специјалните фондови

Кога СПД победи на изборите во 2021 година и формираше коалициска влада со Зелените и ФДП, ЕСФ одигра централна улога. За време на пандемијата не беа потребни кредитни овластувања во износ од над 60 милијарди евра. Новата влада одлучи да ја искористи сумата за својата климатска политика и едноставно да ја префрли во друг посебен фонд – Фондот за клима и трансформација.

Пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот поднесе жалба против тоа пред Уставниот суд. Нејзиниот аргумент беше: должничката кочница треба да има вистински ефект на кочење за да не се создаваат постојано резерви и да не се менуваат намените на средствата. Дури и во итни ситуации, мора да биде јасно до каде може да оди државата по прашањето на кредитните овластувања. Сојузниот уставен суд се согласи со тоа. Така згаснаа пренаменетите кредитни овластувања.

100 милијарди за Бундесверот ќе бидат потрошени до 2027 година

Двата најнови специјални фондови беа донесени во 2022 година. Првата како последица на рускиот напад врз Украина. Бундестагот одобри кредитна рамка од 100 милијарди евра за повторно опремување на Бундесверот, кој со децении беше запоставен. Но, парите ќе се потрошат до 2027 година. Вториот специјален фонд со кредитна рамка од 200 милијарди евра беше формиран за поддршка на економијата во енергетската криза.

Германија | Борис Писториус и Фридрих Мерц
Сојузниот министер за одбрана Борис Писториус (СПД, л.) – во разговор со шефот на парламентарната група на Унијата, Фридрих Мерц – долго време бараше повеќе пари за БундесверотФотографија: IPON/IMAGO Images

Заводот за ревизија во својот извештај пресметува дека само поголемите постоечки специјални фондови изнесуваат околу 869 милијарди евра. Само една десеттина од ова се пари кои се имаат на располагање. Должничкиот потенцијал на специјалните фондови  на крајот на 2022 година изнесуваше околу 522 милијарди евра. Ова е околу пет пати повеќе од планираниот износ во буџетот 2023-2027 година за заеми кои се движат во опсегот на должничката кочница.

Трошоците за камати се огромни

Сега на тоа се додаваат значителни дополнителни долгови. Како и сите кредити, и тие се пресметуваат преку националниот долг и европските правила за долг. Во земјите-членки на ЕУ, нивото на долг не смее да надмине 60 проценти од економското постигнување. Оние кои ја надминуваат оваа граница мора да го намалат соодносот на долгот и да стравуваат од казни. Земјите со нивоа на долг меѓу 60 и 90 проценти мора да ги намалат за 0,5 процентни поени годишно.

Дополнително, на финансискиот пазар се земаат кредити, па за наплата доаѓаат камати. Германија седи на планина долг во вкупна вредност од 1,7 трилиони евра, што се таложел со децении. Во 2024 година во буџетот за камати требаше да се издвојат 33 милијарди евра. Претходната година износот беше дури 39 милијарди евра бидејќи каматите се зголемија поради инфлацијата.

Правниците и економистите веќе предупредуваат дека дополнителните специјални фондови финансирани од долгови на екстремно високи нивоа дополнително ќе го зголемат товарот од каматите во наредните години. Ова дополнително ќе ја влоши буџетската ситуација и значително ќе го ограничи политичкиот простор за маневрирање. /Дојче Веле

Related posts

Ванковска: Јас сум за евроинтеграција, но на сосема поинаква основа

admin

ТЕНЗИИТЕ НА КОСОВО ГИ БРКААТ ИНВЕСТИТОРИТЕ ОД ЗЕМЈАТА

ninja

Харадинај: Курти уште денеска да поднесе оставка, премал е да ја смени ориентацијата на Косово

admin

Државата ги „опари“ партиите

admin

“Во борбата со дезинформациите нема подобар одговор од транспарентноста и вистината”

admin

Дали воведувањето санкции за НИС го означува крајот на балансирањето на Србија меѓу Истокот и Западот?

admin