Европскиот совет за плаќања ја прифати Северна Македонија како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Стапувањето во членство во СЕПА треба да овозможи побрзо, поефикасно и поевтино извршување на електронските плаќања во евра до која било земја членка и значи поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ. Целта е трансакциите да поевтинат и да има брз трансфер на пари. Трошоците на банкитетреба да се намалат, а со тоа и трошоците кон крајните корисници. Очекувањата се дека побрзи и поевтини плаќања, со шестпати помали провизии, ќе има веќе од 6 октомври 2025 година.
Народната банка и министерствата за финансии и за европски прашања ја оценија одлуката како „исторички исчекор за земјата“ и исполнување на една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.
Зошто е важно Македонија да биде дел од оваа значајна европска финансиска зона и кои се придобивките од тоа?
Бројни придобивки за граѓаните и компаниите
Клучна придобивка е намалувањето на трошоците за прекуграничните трансакции со 38 земји, што е особено значајно за дознаките од иселениците и лицата на привремена работа во странство, кои се важни за македонската економија. Граѓаните и фирмите од земјите членки ќе можат да вршат безготовински плаќања во евра, преку кредитни трансфери, вклучувајќи и инстант плаќања и директни задолжувања во која било земја-членка на СЕПА на брз, безбеден и ефикасен начин и по исти трошоци како и домашните плаќања.
Тие ќе имаат и помали трошоци за прекуграничните трансакции коишто ќе можат да ги извршат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на парични средства ќе се извршува за најмногу 10 секунди во кое било време од денот, за викенди и за празници.
Заштеда на време и пари
Пристапот кон СЕПА ќе овозможи македонските банки, и покрај тоа што земјата не е членка на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Се очекува дека овој процес да донесе повеќе придобивки за економија, особено во делот на заштедата на трошоци и време при вршењето плаќања кон земјите од ЕУ.
На пример, во моментов за плаќањата од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ. Очекувањата се дека тоа сега ќе се промени и во иднина ќе има поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања.
Народната банка очекува од членството во СЕПА бројни придобивки за македонските граѓани, компании, но и за економијата во целина. „Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра“, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. „Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, додава гувернерката.
Заштеда од половина милијарда евра
Македонската економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15 отсто од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, очекувањата се дека нема да изостанат придобивките и врз оваа основа.
Трошоците за дознаки во моментов се проценуваат на околу 6,71 отсто од вкупната трансакција. Според процените на Светската банка, трошоците за дознаките би се намалиле за околу 3 отсто, што ќе доведе до заштеда од половина милијарда евра на ниво на регионот на Западен Балкан.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, за компаниите се олеснува вклучувањето во прекуграничната трговија со стоки и услуги во областа на СЕПА и проширувањето на нивниот бизнис и зголемување на нивната конкурентност. Членството во СЕПА, според Министерството за европски прашања, ќе значи полесни, побрзи и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите. Дознаките од ЕУ ќе пристигнуваат побрзо и со пониски трошоци, а бизнисите ќе имаат поедноставени плаќања во Европа. Исто така, членството ќе ја зајакне меѓународната доверба во финансискиот сектор на Северна Македонија и ќе ги продлабочи трговските односи со Европската економска област.
СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на ЕУ и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар. СЕПА е востановена во 2008 година, а целосно е имплеменетирана во 2014 година во земјите во евро-зоната, додека во останатите земји членки на СЕПА во 2016 година. Северна Македонија својата подготовка за членство во СЕПА ја започна 2013 година. Од земјите од Западен Балкан членки на СЕПА од декември 2024 година, се Црна Гора и Албанија. /DW