Северна Македонија е сè подалеку од договор за нов Изборен законик, иако остануваат помалку од една недела до истекот на дополнителниот рок што Европската унија го остави за исполнување на последната обврска од Реформската агенда.
Премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да ги усогласи своите позиции и да достави заеднички текст, ветувајќи дека Владата ќе го поддржи доколку во него биде предвидено полесно гласање на дијаспората.
„Кажете што сакате, ставете го на хартија и ние ќе го прифатиме, само да биде содржано гласањето на дијаспората“, изјави Мицкоски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ, Левица и ДУИ дека намерно го одолговлекуваат процесот поради политички калкулации и лоши рејтинзи, оценувајќи дека изборните реформи не смеат да бидат блокирани.
СДСМ, пак, ја отфрли понудата на премиерот и го обвини дека вистинската цел на предложените измени е создавање простор за изборни злоупотреби преку моделот за гласање на дијаспората.
Од Левица остануваат на ставот за една изборна единица и гласање на дијаспората по пошта само на претседателските избори, додека ДУИ оцени дека шансите за политички договор се минимални и дека земјата најверојатно ќе оди на следните избори според постојниот Изборен законик.
Новиот Изборен законик е единствената преостаната неисполнета обврска од Реформската агенда поврзана со европскиот План за раст. Доколку политички договор не биде постигнат во наредните денови, реформата повторно ќе биде одложена, а земјата ризикува негативни оценки за исполнувањето на преземените обврски кон Европската унија.

