Десетици илјади демонстранти, вклучително и поранешниот австралиски репрезентативец Крег Фостер и актерот Мејн Вајат, маршираа во неделата преку мостот на заливот во Сиднеј, барајќи прекин на насилствата во Појасот Газа и итна интервенција за гладните деца во регионот.
Според австралиската полиција, околу 90.000 луѓе учествуваа во протестот, додека организаторите тврдат дека бројката достигнала и до 300.000. Мостот беше затворен за сообраќај од 11:30 часот по локално време, а протестот започна од Ланг парк во центарот на градот, каде демонстрантите се собраа и покрај ниските температури и дождот.
Нешто по 15:00 часот, полицијата на Нов Јужен Велс испрати масовна порака до мобилните телефони низ градот, со барање протестот да биде прекинат поради безбедносни причини. Полицајци и хеликоптер наменет за надгледување го пренасочија маршот, барајќи од учесниците да се вратат назад кон центарот.
Протестот, кој доби судска дозвола во саботата и покрај противењето на властите, привлече низа јавни личности, меѓу кои и основачот на Викиликс Џулијан Асанж, поранешниот премиер на Нов Јужен Велс Боб Кар и пратеникот од Лабуристичката партија Ед Хусик. Кар изјави дека Австралија треба да воведе санкции кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и да ја признае државноста на Палестина. Хусик додаде дека “реакцијата на јавноста покажува длабока загриженост за судбината на палестинските деца”.
Меѓу учесниците беа и петмина државни пратеници од Лабуристичката партија кои јавно се спротивставија на премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, кој претходно предупреди дека протестот може да го загрози јавниот ред. Сенаторката од Зелените Мехрин Фаруки остро го критикуваше ставот на државниот врв, нарекувајќи го “обид за замолчување”.
“Ниеден логистички аргумент не е оправдување за молк пред геноцид,” рече Фаруки. “Ова не беше за сообраќај, туку за политички притисок.”
Присутните носеа палестински знамиња, транспаренти и садови за готвење – симбол на гладот во Газа. Меѓу транспарентите се издвојуваше оној на демонстрант од Лондон со натпис “Gay Jews 4 Gaza”, кој изјави дека “државата Израел не ја претставува целата еврејска заедница”.
Полицијата претходно ја отфрли барањето на организаторите за координација на маршот, наведувајќи краток рок за подготовка на план за управување со сообраќајот и ризик од стампедо. И покрај тоа, Врховниот суд дозволи протестот да се одржи.
Во Мелбурн, сличен протест беше спречен од полицијата, која го блокираше мостот Кинг Стрит со камиони и единици во опрема за разбивање протести.
Транспортните власти во Сиднеј повикаа граѓаните да избегнуваат патувања во центарот на градот и северните делови поради прекините во сообраќајот.

