Граѓаните со аплаузи за медицинските работници и свирежи за пратениците го изразија своето незадоволство на протестите во Скопје. Додека расте револтот поради системските слабости што доведоа до трагедијата во Кочани, која однесе 59 млади животи, пратениците заминаа на двонеделна пауза, одложувајќи ги сите активности во парламентот, јави ДВ.
Одлуката за прекин на работата е донесена на координација во Собранието, на која присуствуваа претседателот Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска, координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставници од Владата и генералната секретарка на Собранието.
„Присутните консензуално се согласија дека, имајќи ги предвид чувствата на граѓаните по трагедијата во Кочани и изразувајќи почит кон загинатите, како и надеж за брзо закрепнување на повредените, Собранието ги откажува сите активности планирани за оваа работна недела, вклучително и брифингот со новинарите“, соопштија од Собранието.
Одложени седници и пратенички прашања
Со оваа одлука, откажани се седниците за пратенички прашања што редовно се одржуваат секој четврток, како и седницата за опозициските пратенички прашања. Нема да се одржи ниту неделниот брифинг со новинарите.
Некои медиуми објавија дека аргументот на владејачките партии бил дека одржувањето на пратенички прашања може дополнително да ја заостри атмосферата, за која сметаат дека веќе се злоупотребува од одредени политички структури.
Премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за коментар околу собраниската пауза, изјави дека нема коментар и дека прашањето треба да се упати до парламентот.
На прашањата дали пратениците ќе земаат плата за периодот додека не работат, дали ќе предложат донирање на дел од нивните примања за семејствата на жртвите, како и дали се отворени пратеничките канцеларии во градовите со повредени и загинати, од Собранието одговорија дека активностите не се целосно запрени.
„Во Собранието има пратеници кои работат на законски решенија што ќе бидат предложени во процедура од понеделник. Се очекуваат и предлог-закони од Владата и министерствата“, наведоа од законодавниот дом.
Реакции на јавноста
Одлуката за пауза предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. „Во најтешкиот момент за земјата, оние што треба да нè претставуваат – си земаат одмор“, пишуваат граѓаните. „Да одморат од што? Од тоа што не беа никаде за време на трагедијата, кога требаше да се анализира системот и да се најдат решенија?“
Илјадници граѓани излегоа на улиците во Скопје, барајќи системски промени, правда и одговорност. Протестот помина со аплаузи за медицинските работници во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, додека пред Собранието се слушаа свирежи и повици: „Системот е следен“, „Доста беше смрт“, „Секој еден може да е следен“.
Политички несогласувања
Одлуката за пауза не ја поддржаа сите политички партии. Левица ја нарече „скандалозна“ и ја оцени како „симбол на отуѓеноста на политичките елити од народот“.
„Бегајќи од пратенички прашања, Собранието бега и од одговорноста. Во моменти кога е повеќе од потребно да се носат одлуки, тие избираат да паузираат“, соопштија од партијата.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се осврна и на работата на таканаречениот „кризен штаб“, прашувајќи дали неговото формирање е законски издржано.
„Бидејќи нема владина одлука за прогласување кризна состојба, а ниту Собранието не било известено, прашувам дали и ’кризниот штаб’ е прогласен нелегално, без запазена регулатива и процедура – како, впрочем, и целата истрага што ја буткате на мускули“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Најави за контроли и законски измени
Во меѓувреме, Владата најави засилени контроли и законски измени во повеќе сектори за да се воведе ред во хаосот што бил утврден при контролите на угостителските, градежните и други објекти низ земјата.
Локалните самоуправи започнаа инспекции на угостителските објекти за да се утврди дали ги исполнуваат законските услови за работа, како и контроли на хидрантските мрежи, пристапите и излезите од колективните станбени објекти.
Паралелно, Државната комисија за спречување на корупцијата започна антикорупциска проверка на неколку закони, меѓу кои Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор и Законот за локалната самоуправа. Целта е да се откријат и спречат потенцијални коруптивни практики при издавање на дозволи и лиценци за работа, како и надзор над објектите.