19 март, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Стануваме ли повторно „буре барут“?

Дали Балканот повторно станува буре барут, и дали ние предоцна тоа ќе го увидиме? Велат во меѓународната политика, или си на масата, или си на менито. Ние не сме на ниедна маса.

Пишува Петар Арсовски

Во последно време, светот како да е опседнат со вестите кои администрацијата на Доналд Трамп од САД ги исфрла со брзина на светлината. Хипнотизирани од бесконечната низа контроверзни, напати и контрадикторни предлози и иницијативи од Белата Куќа, некои со одушевување, некои со отпор, секој според идеолошката припадност, но сите како да сме во постојан вител на неизвесност, заковани пред екраните на телевизорите или таблетите, сеедно. Во оваа рашомонијада на вести, не останува многу време за анализа, па дури ни за пауза за да се „преџвака“ се што доаѓа низ медиумите до нас. Така, имам впечаток дека локалните, па и регионалните процеси, како да полека заземаа секундарно место во нашите анализи и размислувања, а ние сепак, живееме во регионов, а не во САД, Украина, или Газа. Затоа, можеби би требало малку повеќе внимание да посветиме на размислување што значат овие драматични промени во геополитиката за регионот, и за нас, особено на полето на безбедноста и стабилноста. Во ова торнадо од промени, дали под носот, Балканот повторно станува буре барут, и дали ние предоцна тоа ќе го увидиме?

Значи, првото прашање е, секако, кој е потенцијалот Балканот да се дестабилизира? Ние традиционално никогаш не сме ни биле стабилен регион, бидејќи сѐ уште влечеме некакви историски паралели од 90-те, а секако немаме недостаток од тековни кризи. Пред да анализираме конкретни варијабли кои влијаат на оваа стабилност, треба да погледнеме во каков геостратешки контекст се наоѓаме во моментот.

Добра вест за сецесионистите  

Во последниве неколку недели, светот доживува тектонски поместувања на меѓународниот поредок. Еве неколку конкретни, особено оние кои имаат посилно регионално влијание. Прво, светот забрзано го напушта принципот на неменливост на граници, нешто што беше доктрина во последните 50 години. Тезите на САД за Панама, Гренланд, етничка редистрибуција на население во Газа, па и последните идеи за размена на луѓе и територии во Украина, како прифатлив и „нормален“ чекор кон мир, значат дека во „новото нормално“, не е забрането да се прават стратегии кои вклучуваат промени на граници и меѓународни признаени или непризнаени земји. Ова за сецесионистите во регионот е секако добредојдена вест, и ќе влијае на зголемување на амбициите на повеќе центри на моќ во Босна, Косово, но и во Македонија.

Второ, авторитарните стабилократии веќе не се „лошите момци“. Односот на меѓународната заедница, најмногу САД, кон Путин, Вучиќ, Додик, Орбан, Ердоган и сличните лидери, кои досега беа брендирани како „нужно зло“ – авторитарни режими кои, иако обезбедуваат стабилност, во основа не ги споделуваат вистинските вредности на развиениот свет – сега се менува. Тие стануваат легитимен, напати и посакуван партнер за правење глобални стратегии, планови и заеднички договори. Каков подарок за поголемиот дел на лидерите на Балканот кои веруваат во „цврста рака“: тие сега, во полн занес, ќе можат да го сокријат нивниот недостаток на демократичност, под превезот на стабилност, но овој пат со поддршка на дел од меѓународната заедница, додека останатите кои не ги поддржуваат, ќе мораат своето внимание да го посветат на поголемите кризи.

Трето, НАТО веќе не е апсолутен гарант на сувереноста и безбедноста на оние земји од регионот кои се нивни членки. САД веќе најавија дека нивната воена помош, доколку се појави некаква воена закана, не е безусловна, туку ќе ценат случај по случај дали таа земја членка заслужува (читај дали им е во интерес) да добие воена помош од САД и НАТО. НАТО не може таа политика да ја смени без да ги наруши односите со најмоќната членка, па така, не треба премногу да се клади е на тоа дека евентуални локални воени конфликти би биле невозможни заради НАТО, или пак дека веднаш би биле задушени од страна на сојузниците.

Новата реалполитика

На тоа треба да се додаде и оваа динамика на односите помеѓу ЕУ и САД, во која најверојатното сценарио е дека тоа блиско сојузништво и пријателство никогаш повеќе нема да се врати на „старите добри времиња“. Треба да се очекува дека сегашното високо ниво на антагонизам малку ќе спласне, но љубовта нема да се врати. Ова е најмногу затоа што овие два поранешни партнери вредносно ќе продолжат да се оддалечуваат, и ниеден напор за соработка, таа основна компонента нема да ја врати. Тоа значи дека досегашниот редовен полицаец (САД) ќе стане попасивен во својата улога на Балканот, а оние кои досега беа пасивни (ЕУ), ќе мораат да станат поактивни.

На крајот, светот се движи кон реалполитика, во која има две најсилни доктрини: (1) „кој е посилен, тој е во право”, и (2) „што има тука за мене“. Во таква констелација на односите, во кои правото и правдата имаат, сепак, секундарна улога во правењето геостратешки одлуки, постои засилен ризик за дестабилизација на Балканот, нешто што веќе се случува, во Босна, на пример, веќе во моментот. ЕУ засилено заседава околу градење независна надворешна и одбранбена политика, додека на други маси се одлучува за судбината на Украина, а на трети за судбината на Газа. Велат во меѓународната политика, или си на масата, или си на менито. Ние не сме на ниедна маса. /DW

Related posts

Каква ќе беше Македонија да не го рушеа Црвенковски?

admin

Пораката на Бајден и Макрон до новата власт на ВМРО-ДПМНЕ

admin

Треба да е забавно во светот на богатиот политичар

admin

Европскиот момент на вистината

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin

Пораките на Урсула фон дер Лајен

admin