Недостатокот на инвестиции во образованието и научниот развој негативно влијае врз севкупниот општествен напредок, особено во ерата на знаењето и иновациите, изјави експертот Али Пајазити, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово.
„Државите што предводат во оваа област, како Израел, Јужна Кореја, САД, Шведска и Швајцарија, инвестираат значителен процент од нивниот БДП во истражување и развој. Израел, познат како ‘Startup Nation’, потроши 5,56% од БДП во овој сектор во 2021 година, додека Јужна Кореја, лидер во 5G технологијата, инвестираше 4,93%“, истакна Пајазити.
Наспроти тоа, земјите со ниски инвестиции во истражување и развој се соочуваат со ограничени иновации, бавен технолошки напредок и загуба на таленти. „Научниците и истражувачите кои не добиваат доволна финансиска поддршка, универзитетот го претвораат во простор исклучиво за предавања, без вистински истражувачки перформанси,“ додаде тој, нагласувајќи го ризикот од „fake science“ – производство на формално, но не и иновативно знаење.
Според него, недоволните инвестиции во науката и технологијата го забавуваат подобрувањето на продуктивноста и конкурентноста, попречувајќи го наоѓањето решенија за современите предизвици во секторите како здравството, образованието, енергијата и животната средина.
Во процесот на преговори за членство во ЕУ се опфатени и кластерот 3, кој содржи поглавја што се однесуваат на неопходните реформи за усогласување на нашиот образовен систем со европскиот. Што можете да направите во оваа насока?
Али Пајазити: Со мојата експертиза во областа на етиката, можам да придонесам за афирмација на кодекс за научни истражувања, кој се однесува на принципите на интегритет во научното истражување, достоинството на професијата, развојот и подобрувањето на моралните и етичките вредности, заштитата на вредностите на знаењето и слично.
Во социолошки контекст, можам да помогнам во афирмацијата на биномот „наука-општество“, во создавањето на профилот на јавниот интелектуалец, како и со учество во заеднички истражувачки проекти. Друг аспект каде што можеме да помогнеме е промоцијата на културната разновидност, унапредувањето на културното и уметничкото изразување на секој ентитет во Северна Македонија, од најголемите до најмалите заедници. Во таа насока, нашите студии за мултикултурализмот во контекстот на Северна Македонија по Охридскиот договор (2001) претставуваат основа за интеграција на културата во одржливиот општествен развој.
Како да се убеди јавноста и властите за потребата од меѓусекторски пристап, со посебен фокус на основните вредности како што се правото на студирање, правото на работа и правото на добра администрација?
Али Пајазити: Меѓусекторската методологија, како пристап на соработка меѓу различни актери и засегнати страни за одредена кауза или проблем, е неопходна за здравото функционирање на општеството. Јавноста и носителите на одлуки треба да бидат убедени дека парцијалниот пристап е неефикасен, дека сектори како образованието, вработувањето и доброто управување се меѓусебно зависни, а предизвиците во еден сектор директно влијаат врз другите. Нема здраво и стабилно општество (како што се покажа и во поранешна Македонија) ако на дел од населението му се негира правото на образование, ако се соочува со дискриминација при вработување или ако администрацијата не функционира ефикасно. Заедницата треба да се убеди дека пристапот мора да биде заснован на перформанси, а не на етничка, религиозна или регионална припадност. Без социјална правда, нема економски напредок, благосостојба и одржлив развој. Функционалистичкиот пристап, кој го гледа општеството како еден организам, е особено важен во овој контекст. Неефикасната администрација создава проблеми за сите – за владата, граѓаните, бизнисите и граѓанските организации. Затоа, сите треба да бидат вклучени во градењето на одржливо, динамично и праведно општество.
Дали Болонскиот процес се спроведува правилно и дали ја овозможува неговата основна вредност – мобилноста?
Али Пајазити: Северна Македонија од 2003 година е дел од Болонскиот процес, односно Болонската филозофија, како нов пристап во високото образование. Според извештајот на Европската комисија за 2024 година, главен предизвик во земјата останува подобрувањето на квалитетот на високото образование преку развој на процесите на акредитација и обезбедување на квалитет. Потребно е усвојување на нов модел за финансирање на високото образование. Според Светската банка (2017), компаниите во Северна Македонија имаат потешкотии во пронаоѓањето на работници со технички вештини, како и со пошироки когнитивни, социјални и емоционални способности. Една третина од дипломираните имаат квалификации кои не се соодветни за нивните работни места, додека друга третина се преквалификувани за работите што ги извршуваат (ETF, 2017). Во нашата земја, Болонскиот процес повеќе се сведува на форма отколку на суштина. Дополнителен проблем се кредитите – студентите со 180 кредити, поради проблемите со вработување, се принудени да продолжат со магистерски студии. Во периодот 2014-2020, во рамките на различни проекти, 3.291 студенти (во студии и практикантска работа) и 893 професори реализирале академска мобилност меѓу Северна Македонија и земјите-членки на ЕУ и кандидатите за членство, додека 107 наставници (обука, предавање) биле испратени во земји кои не се членки. Можностите се големи, но искористеноста на фондовите за мобилност од албанските универзитети е незадоволителна. Понекогаш мобилноста повеќе се доживува како авантура и туризам, отколку како искуство и шанса за академски и професионален напредок.
Како да се подигне свеста на стручната и пошироката јавност за значењето на Болонскиот процес?
Али Пајазити: Потребни се едукативни кампањи; државните институции, универзитетите и професионалните организации треба да го објаснат Болонскиот процес, неговите цели и придобивки не само за академската заедница (предавачи и студенти), туку и за пошироката јавност преку семинари, работилници и онлајн ресурси. Тие треба да ги истакнат долгорочните предности за студентите, наставниците и економијата, да ја потенцираат важноста на поттикнувањето на истражувањата и иновациите, студентската мобилност, стандардизацијата на академските структури, образованието засновано на компетенции (а не само на теорија), меѓународното признавање на квалификациите, зголемената транспарентност и одговорност, како и учењето насочено кон студентот (student-centred learning). Во оваа насока може да помогнат и наставниците и студентите кои биле дел од мобилноста и се успешни приказни, како и јавни личности кои можат да влијаат врз перцепцијата за значењето на Болонскиот процес.
Зошто во регионот сè уште постојат административни бариери за признавање на дипломите? Што треба да се направи за нивно елиминирање?
Али Пајазити: Државите треба да го разберат значењето на човечкиот капитал во модерната економија како еден од клучните фактори за севкупен општествен раст. Причините за бариерите може да се најдат во недостигот на стандардизирани процедури, балканскиот стил на бирократизација, бавните и комплексни административни процеси, разликите во наставните програми, различните системи за оценување, па дури и политичките проблеми, како што е случајот меѓу Косово и Србија. Решението лежи во хармонизацијата на академските структури, зајакнувањето на регионалната и меѓународната соработка и следењето на барањата на ЕУ за взаемно признавање на дипломите преку усогласување и искористување на стекнатите вештини. Сам Болонскиот процес, преку Европската област за високо образование (EHEA), има за цел да ја олесни мобилноста на студентите и наставниот кадар, да го направи високото образование подостапно и поинклузивно, како и да го зголеми атрактивноста и конкурентноста на европското високо образование на глобално ниво.
Во земјата има околу илјада активни баратели на работа, додека во исто време недостигаат над 10.000 работници. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на трудот?
Али Пајазити: Овие бројки ја покажуваат разликата меѓу професионалната ориентација и реалноста на пазарот на трудот. Ова укажува дека образовниот систем не ги опремува поединците со потребните вештини и знаења за да ги задоволат барањата на работодавачите. Голем е јазот меѓу обуките и квалификациите што ги нуди образовниот систем и вистинските потреби на различните сектори. Образовниот систем ја запостави важноста на занаетчиските и трговските училишта, стручните училишта и техничките вештини неопходни за извршување на специфични задачи. Сè уште владее мислењето дека најдобрите ученици треба да одат во гимназија, додека послабите во стручни училишта, каде што „нема перспектива“. Сепак, денешните трендови покажуваат дека работниците со занаетчиски вештини се платени речиси исто како и академските кадри, а понекогаш и подобро, и се барани не само во земјата, туку и во западните држави. Гимназијата нуди широки можности, но истовремено остава многу млади луѓе во неизвесност за нивната иднина. Не секој мора да се движи во рамките на класичните „право, економија, медицина“. Многу млади го губат својот природен талент учејќи нешто што не им одговара. Откривањето на талентите треба да биде приоритет број еден за наставниците, во соработка со родителите.
Државата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како тоа се одразува врз севкупниот развој?
Али Пајазити: Ова негативно влијае врз развојот, особено во време кога живееме во општество на знаење и наука, каде што научниот напредок е столбот на севкупниот општествен развој. Државите кои предводат во оваа област се Израел, кој во 2021 година инвестирал 5,56% од БДП во наука и развој (наречен Startup Nation), Јужна Кореја (4,93%), позната по својата 5G технологија, САД и Шведска со 3,46%, Швајцарија со 3,36%, Обединетото Кралство со 2,91%, Словенија со 2,13%. Кога ги споредиме овие бројки со нашата земја, веднаш станува јасно зошто сме таму каде што сме. Ниското инвестирање во наука резултира со ограничени иновации, бавен технолошки напредок, намалена продуктивност и конкурентност, како и неспособност да се решаваат модерните предизвици во секторите како што се здравството, образованието, енергетиката и животната средина. Државата и граѓаните го губат чекорот со научните откритија и глобалната конкуренција. Се случува „талент дрејн“ (губење на таленти) и „брејн дрејн“ (одлив на мозоци), бидејќи најспособните научници избираат земји каде што ќе можат да го реализираат својот потенцијал. Научниците и истражувачите кои не се финансиски мотивирани, универзитетите ги сведуваат на места за предавање, без вистински истражувачки перформанси. Наместо автентична наука, се создава „лажна наука“ – научен формализам без реална содржина и иновации.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.