Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека се соочува со силни дипломатски притисоци поради неговата одлука да присуствува на Парадата на победата на 9 мај во Москва, но нагласи дека нема намера да се откаже, и покрај можните последици.
„Нè очекува период на интензивна дипломатска активност, како и силни притисоци поради Парадата на победата на 9 мај во Москва, 80 години од победата над фашизмот, на која најавивме учество јас и една единица на Војската на Србија. Не знам што ќе одлучат другите, дали Војската ќе може да издржи притисок, но јас до овој момент не ја променив својата одлука. Подготвен сум и небото да ми се сруши врз глава“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе продолжи да разговара со Русија за гасниот аранжман, како и за тоа што ќе се преземе во врска со НИС.
Дополнително нагласи дека санкциите би можеле да влијаат врз нивната оперативна, функционална и борбена способност.
Вучиќ, изјави дека Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) по спроведената истрага утврдила дека на протестите во Белград на 15 март не биле користени акустични уреди од типот LRAD, со кои располага српската полиција.
„ФСБ, една од најсилните безбедносни служби во светот, утврди дека такви уреди не биле користени. Извештајот пристигна вчера и веднаш беше објавен на веб-страницата на БИА,“ рече Вучиќ во обраќање од Палата Србија.
Тој додаде дека ФСБ истражувала во три насоки и користела дури и кучиња поради нивната зголемена сензитивност, со цел да се потврдат наодите.
Вучиќ рече дека на 15 март имало обид за насилно преземање на власта и дека тогаш е намерно пласирана „лажна вест“ за употреба на звучни топови.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со студентските протести, Вучиќ изјави дека демонстрантите се подготвени да одат далеку во нивните обиди за промена на власта.
„Сакам да бидам јасен – Србија нема да биде поразена. Тие ја разурнаа земјата во последните пет месеци, но не можат да го скршат српскиот народ со лаги и манипулации,“ нагласи тој.
Вучиќ ги обвини сите новинарски здруженија и дел од невладиниот сектор дека се „директни учесници во обоената револуција“. Тој рече дека тие не реагирале на напади врз новинари како Бранка Лазиќ и Гоца Узелац, додека бурно реагирале на секоја критика упатена кон новинарите блиски до опозицијата.
Претседателот ги обвини поранешните сопственици на SBB дека ја манипулирале јавноста за да ја зголемат вредноста на компанијата пред нејзината продажба за 1,5 милијарди евра.
Во врска со високото образование, Вучиќ најави дека ќе предложи законски измени за зголемување на буџетската поддршка за приватните факултети, со цел да се наруши монополот на државните.