Советот на Европската унија усвои мерка за помош во вредност од 15 милиони евра преку Европскиот инструмент за мировна поддршка (EPF), со цел зајакнување на одбранбените капацитети и оперативната подготвеност на Армијата на Република Северна Македонија.
Одлуката ја надополнува претходната билатерална поддршка од 2023 и 2024 година, со што вкупната помош преку EPF за Северна Македонија достигна 38 милиони евра. Новата мерка има за цел и да го зголеми капацитетот на земјата за придонес кон мисиите и операциите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP) на ЕУ, како и кон меѓународни коалиции.
„Денеска се согласивме да ѝ обезбедиме на Северна Македонија дополнителна поддршка од 15 милиони евра за нејзината армија. Помошта вклучува опрема за собирање разузнавачки информации и надзор, како и опрема за обука за борбени дејства. Нашата поддршка ќе ѝ помогне на Северна Македонија да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, што е важно не само за Западен Балкан, туку и за самата ЕУ,“ изјави Каја Калас, Висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика и претседателка на Советот за надворешни работи.
Таа додаде дека, покрај вкупните 38 милиони евра што ЕУ досега ги обезбеди за Северна Македонија за превенција на конфликти и зајакнување на регионалната стабилност, Унијата целосно ја поддржува евроинтеграцијата на земјата. Калас најави и прва официјална посета следниот месец за продолжување на заедничката агенда.
Одлуката на Советот е доказ за континуираниот ангажман на ЕУ со Северна Македонија во областа на безбедноста и одбраната, особено по потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија во ноември минатата година. Таа ја рефлектира и целосната усогласеност на земјата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Според Европскиот инструмент за мировна поддршка, Армијата на Северна Македонија ќе добие опрема за разузнавање, надзор и електронско војување, возила за логистичка и инженерска поддршка, комуникациски и информатички системи, како и борбена тренинг-опрема. Помошта ќе вклучува и потребни дополнителни услуги и снабдувања, меѓу кои и оперативни обуки.
Европскиот инструмент за мировна поддршка беше основан во март 2021 година за финансирање активности под заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со цел спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. EPF им овозможува на ЕУ да финансира активности за јакнење на капацитетите на трети земји и регионални и меѓународни организации во областа на воените и одбранбените прашања.