Државниот секретар за надворешни работи, Дејвид Лами, престојуваше денеска во Косово и Србија со цел зајакнување на соработката за спречување на нерегуларната миграција и организираниот криминал, во пресрет на големиот дипломатски самит за Западен Балкан што ќе се одржи оваа есен во Лондон.
Како дел од напорите за пресекување на мрежите на шверцери, Велика Британија ппотпиа нов договор за соработка со Србија, насочен кон разбивање на криминалните банди кои стојат зад кризата со нерегуларната миграција и обезбедување на границите на Обединетото Кралство.
Британската технологија веќе се користи во Косово за откривање на нелегални стоки и заштита на ранливи лица, со цел разорување на криминалните мрежи што ги користат мигрантите за транзит низ Балканот.
Безбедноста на Европа и Западен Балкан е високо на агендата, со посетата на британските трупи во рамките на НАТО мисијата КФОР, во период на зголемени регионални тензии.
Минатата година, речиси 22.000 мигранти ја искористија Западнобалканската рута за влез во Европа. Договорот со Србија ќе овозможи побрзо споделување информации и директна координација во борбата против организираниот криминал поврзан со миграцијата. Лами, исто така, ќе се сретне со жени жртви на трговија со луѓе.
Како дел од владината стратегија за пресекување на каналите за шверц на луѓе, Лами ќе ја посети и британската технологија која се користи за откривање дрога и оружје, како и дронови и камери за следење на шверцерските рути и спречување на нелегални преминувања на границите.
Посетата на британскиот дипломат доаѓа во време кога Велика Британија ја зајакнува својата борба против организираниот криминал, по воведувањето на првиот глобален режим на санкции насочен кон мрежите за нелегална миграција.
Самитот за организиран криминал поврзан со миграцијата, што се одржа во Лондон оваа недела, објави пакет од 30 милиони фунти за справување со нелегалните финансиски текови и шверцерските рутите, како и дополнителни 3 милиони фунти за поддршка на Јавното обвинителство во процесуирање на шверцерите.
Премиерот истакна дека повеќе од 24.000 луѓе без право на престој во Обединетото Кралство се депортирани од јули – најголема бројка во последните осум години.
Дејвид Лами, државен секретар за надворешни работи, изјави дека „Криминалните банди одамна ја експлоатираат нестабилноста во Западен Балкан, кој стана главна транзитна рута за нерегуларна миграција и организиран криминал. Тие ги ризикуваат животите на луѓето за профит и стануваат сè понасилни во нивните методи.“
„Оваа нелегална и опасна трговија со луѓе мора да заврши, а ние сме решени да ги заштитиме британските граници со нашата стратегија за промени.“, рече тој. „Во еден сè понестабилен свет, Западен Балкан е од клучно значење за безбедноста на Европа, а Велика Британија останува посветена на стабилноста во регионот.“
Според него, надворешни актери, вклучително и Русија, се обидуваат да ја искористат оваа ранливост преку поттикнување на етнички тензии и дестабилизација на демократиите.
Британските трупи продолжуваат да играат клучна улога во безбедноста на Балканот, особено преку мисијата на НАТО во Косово – КФОР, каде што Велика Британија има присуство од 1999 година.
Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Самитот на Берлинскиот процес во Лондон во есента 2025 година, фокусирајќи се на стабилноста, безбедноста и економската соработка, како и борбата против родовата нееднаквост и насилството врз жените и девојчињата, со цел да се спречи нерегуларната миграција низ регионот.