16.4 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Среде повикот за градење мостови на папската погребна церемонија, Трамп има откровение – за Русија

Епифанијата на американскиот претседател дека Путин можеби не сака да ја запре војната во Украина доаѓа по „симболичен“ разговор со Зеленски во базиликата Свети Петар

Пишува: Андру Рот

Тоа беше соодветен момент за едно откровение, ако навистина беше такво. Доналд Трамп седеше свиткан во утринската светлина во базиликата Свети Петар, во разговор со Володимир Зеленски, додека собраната кралска елита, странските лидери, кардиналите и бискупите, и илјадници верници се собираа надвор за подготовка на папската погребна церемонија.

Неговото откровение наскоро дојде во форма на објава на Truth Social. „Немаше причина Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последниве денови,“ размислуваше Трамп. „Тоа ме тера да мислам дека можеби [Путин] не сака да ја запре војната.“

Месеците наназад, Зеленски и европските лидери се обидуваа да му ја пренесат таа порака на Трамп. Сега, делумно благодарение на неочекуваното аџилак на Трамп до Ватикан за погребот на папата Франциск, можеби гледаат нова надеж за нивната интервенција пред војната во Украина да биде целосно изгубена.

Се разбира, сето ова може да биде залудно. Американскиот претседател е познат по својата непредвидливост. Неговото размислување може да се промени веќе при следниот разговор со Путин или со некој од неговите советници кои се длабоко скептични кон Украина. Објавата на Трамп во која го споменува Путин, главно беше посветена на напаѓање на новинарката на Њујорк Тајмс од Белата куќа, која ја нарече „мала“ и „многу пристрасна и неталентирана писателка“. А Трамп го напушти Ватикан пред да се одржи втората средба со Зеленски.

И сепак, тој еден директен разговор со Зеленски можеби ќе остави трага. Фотографиите од самитот беа драматични: двајцата мажи седат сами на едноставни столици пред мозаик што го прикажува крштевањето на Исус во реката Јордан. Кит Келог, пратеникот на Трамп за Украина, почувствува потреба да цитира од евангелието според Матеј: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат Божји синови.“

„Тоа беше многу симболична средба“, изјави Зеленски подоцна, „и има потенцијал да стане историска, ако постигнеме заеднички резултати.“ Зеленски, облечен во целосно црна комбинација што може да се опише како „погребен воен шик“, беше поздравен од толпата додека излегуваше на плоштадот Свети Петар.

Беше нешто како чудо што самитот воопшто се случи. Трамп и Зеленски не биле во иста просторија од времето на кризата во Овалната соба, кога Трамп изјави дека Зеленски бил „непочитлив“ и „коцкар со трета светска војна“. Првата странска посета на Трамп требаше да биде Саудиска Арабија во мај. И не беше јасно дека една средба ќе оди во прилог на Зеленски – советниците предлагаа да се користат европските лидери како посредници, бидејќи односот меѓу него и Трамп беше премногу нестабилен.

А можеше и многу полошо да заврши. Кога Трамп пристигна на плоштадот Свети Петар во саботата наутро, имаше бројни потсетници за големата пукнатина што се отвори меѓу САД и нивните пријатели во Европа, предизвикана во голем дел од платформата „Америка на прво место“ што ја тестираше трансатлантската алијанса.

Трамп и неговата сопруга Меланија стоеја меѓу другите лидери зад светските кралски семејства додека кардинал Џовани Батиста Ре читаше проповед што делуваше како да се однесува на тензиите меѓу Трамп и покојниот папа, особено околу политиките на Белата куќа за миграцијата и неодамнешната извршна наредба за депортации.

„‘Градете мостови, а не ѕидови’ беше поттик што го повторуваше многу пати,“ рече Ре за време на проповедта. „Неговите гестови и повици во полза на бегалците и раселените лица се безбројни. Неговото инсистирање за работа во име на сиромашните беше постојано.“

Во одредени моменти, погребот делуваше речиси наменски да ги испровоцира поддржувачите на Трамп. Последната група што му оддаде почит на покојниот папа беа „сиромашните и маргинализираните“, меѓу кои бездомници, затвореници, мигранти и трансродови лица, соопшти Ватикан.

И сепак, во редок момент на западна кохезија, разумот надвладеа и лидерот на Украина успеа да седне со претседателот на најважниот сојузник на земјата. Дали симболиката на самитот меѓу Трамп и Зеленски во Ватикан ќе се претвори во конкретна политика, останува да се види.

Извор: Гардијан 

Related posts

НИТУ ИМАЛО НИТУ ЌЕ ИМА СОГЛАСНОСТ МЕЃУ ДВЕТЕ МАКЕДОНСКИ ПАРТИИ

admin

Шефот на ЦИА доаѓа само ако се назира војна на Балканот

admin

Многу врева за ништо? Позиционирање на партиите во Северна Македонија и што да очекуваме од изборите во 2024 година

admin

Нема предвидливост во меѓународната политика 

admin

БЛИСКУ ПОСЛЕДНАТА БИТКА?

admin

САМИТОТ ВО ТИРАНА НЕ БЕШЕ САМО СИМБОЛИЧЕН

admin