16.8 C
Скопје
10 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Да беше Хичкок жив…

Сѐ уште не постои „сценарио“ кое на македонското општество ќе му помогне да се справи и опорави од последната траума, која не е резултат само на случајот со грабнување и убиство на дете.

Пишува: Катерина Блажевска

Да беше Хичкок жив, веројатно ќе го преработеше неговиот последен филм „Семејна завера“, според сценарио инспирано од македонскиот случај. Ама за жал, сѐ уште не постои „сценарио” кое на македонското општество ќе му помогне да се справи и опорави од последната траума, која не е резултат само на случајот со грабнување и убиство на дете.

Тоа е симптом на тешка и хронична болест, последица од начинот на кој функционира овдешниот комплексен мозаик во кој се вградени камчињата на сите девијантни децениски практики – од трансферирање на подземјето во надземје блиску до центрите на моќ, преку негово добро етаблирање во бизнисот, политиката, трансмандатните услуги, односно менувањето на „газдата“ кога ќе се смени власта. Во тој пакет спаѓа широк сет услуги за завршување на нечисти работи – замолчување на ривали, изборни услуги, регрутирање лица со криминално досие за подизведувачки работи, генерално, еден модус операнди втемелен на уцени, ректерирање и – нула санкционирање.

„Херои“ од мрачната страна на нашата улица

Токму последново им овозможува да изградат мит на недопирливост, да станат икони на потврден модел за инстант успех, брзо издигнување на овдешната општествената скала во која моралот и професионалците остануваат на дното, а општествениот талог се искачува сѐ поблиску до врвот.

Целиот овој случај е сликовница на такви ликови. Фактот што никој не знае каква е судбината на кривичните пријави за првосомничениот, е доволен доказ колку големо било неочекувањето дека такви ликови некогаш ќе бидат казнети.

Треба ли да се потсетиме и на еден скандалозен настан од септември 2017 година, кога, оној што полицијата денес го нарекува „монструм”, не беше спречен да приреди скандалозен перформанс пред едно скопско кафуле, во кој на новинар му истури боја? И дека таа боја практично заврши врз полицијата, која со недејствување му дозволи тој чин да го искористи за сопствено факторизирање – дека му се може сѐ. За жал, и новинари навивачки го поддржуваа во „подвигот“, за денес да се чудат како се стигнало до димензиите на вакво злосторство. Кога еднаш ќе се замижи на едно око, па на друго, брзо се станува нем сочесник во произведувањето „херои“ од мрачната страна на нашата улица.

Наводната „паника“ не е уверлив аргумент

Она, за што надлежните вчера имаа оскуден одговор, е што се случило во оние два и пол часа – од грабнувањето на Вања, до нејзиното убиство околу 10 часот, според исказите на приведените. Што е тоа што тргнало наопаку, па се откажале од обидот за изнуда и чинот го завршиле со куршум(и)? Наводната „паника“ што наводно ги зафатила од реакциите во јавноста, не е уверлив аргумент, бидејќи мајката напладне објави дека е исчезната нејзината ќерка.

Споменатата „паника“ може да индицира дека можеби некој однатре им јавил дека во 8 и 35 часот веќе е пријавено исчезнувањето на Вања, по што оцениле дека немат маневарски простор освен да ги затрупаат трагите за нивното дело, или, дека можеби приведените ги прикриваат мотивите за таквиот тек на настаните.

Второ, полицијата не откри ништо за профилот на таткото, кој од вчера е во 48-часовен притвор. За споредба, кога во мај годинава се случи маскрот во белградското основно училиште, само по неколку часа полицијата на прес-конференција излезе со профил за сторителот и за неговите родители, до најситни детали. Такви информации не може да ја компромитираат предистрагата.

Кои се убијците на Вања Ѓорчевска

Од друга страна, на социјалните мрежи беше споделен статус, наводно од наставничка на Вања, која објаснува дека дека таа е мило и емпатично дете кое не би презело активности (да исчезне) за да повреди или казни некого. Притоа наведува дека правеле социјален експеримент на Денот на благодарноста, кога дел од задачата била децата да пишуваат за личноста на која најмногу и се благодарни, а таа му напишала писмо на татко и.

Датумот на изборите (не)соодветен одговор на колективната траума

Дали е сето ова точно, треба да утврди истрагата. Дали се случил таков експеримент, дали такво писмо навистина постои, како е напишано, искрено или иронизирано, дали кога семејства ќе станат дисфункционални децата се склони на родителот кој отсутен од домот да му придаваат и улога која реално ја нема?

Овие прашања кои ја засегаат приватноста, а се важни за расветлување на случајот, не се работа на јавноста, туку на истрагата, на стручни лица, кои знаат колку примери има кога децата стануваат манипулирано оружје во расчистување имотни, старателски и други односи во семејството.

На крајот, како општество мора да се прашаме дали навистина сме свесни за димензиите и последиците од овој случај? Дали вчерашната политичка агенда за прецизирање на датумот на изборите беше соодветен одговор на колективната траума, небаре состојбата е редовна „како досега“.

И дали во вакви случаи мора градоначалник да повикува кафулињата да ја прилагодат музиката, или сами треба да знаат дека не е момент да трешти? Ден на жалост не е само тогаш кога властите официјално ќе донесат одлука за тоа, туку кога јавноста со своето поведение ќе покаже дека навистина жали.

 

Извор: ДВ

Related posts

Трамп: Ќе и ставам крај на војната за 24 часа

admin

Ех , да ја поделевме Македонија во 2001!

admin

ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ЕВЕНТУАЛНОТО ВКЛУЧУВАЊЕ НА АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА

admin

ДИЛЕТАНТИЗМОТ И ПАРТИСКАТА АРОГАНЦИЈА ШТО ГО СИЛУВА ОВА ОПШТЕСТВО

admin

Американскиот генерал на нашите граници

admin

Коридор VIII – кој губи и кој добива?

admin