14.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКАХРОНИКА

Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шок

Таткото на Вања на распит и се бара притвор, потрага по избеганиот убиец и три признанија на вина, е епилогот од двете убиства кои ја вознемирија македонската јавност. Се бара доживотен затвор за луѓето кои ја грабнале и убиле Вања, а пред тоа за 500 евра го убиле велешанецот Жежовски.

 

Траорна е атмосферата пред училиштето каде учеше 14 годишната Вања Ѓорчевска откако нејзините соученици и професори ја слушнаа страшната вест, дека таа е жртва на криминална група. Прерано одземениот живот на тинејџерката не ги остави рамнодушни ниту оние кои се надеваа дека сепак случајот со исчезнатото девојче ќе има позитивен исход. Јавноста денеска слушна повеќе детали за се што се случувало, но се уште „Зошто“ е најупотребуваниот прашален збор.

Како двете неповрзани исчезнувања доведоа до исти сторители

Соседски долг од 500 евра е првичниот мотив на настаните кои завршија со две грабнувања и две убиства, настани кои во прв момент воопшто не беа поврзувани меѓу себе. Но, на денешната прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски обелоденија детали за сторителите кои ги нарекоа “монструми“, но и за начинот на кој, како што рекоа, се извршени овие „грозоморни кривични дела“.

Се започнало на 22 ноември кога во Велес исчезна Панче Жежовски (74), за своите сограѓани познат фризер. Тој не кревал на телефонските повици од неговата ќерка па таа за исчезнат го пријавила во СВР Велес на 24 ноември, а информацијата следниот ден ја објавила и на социјалните мрежи каде што уште пишува дека е исчезнат заедно со неговиот автомобил Цитроен. Според Министерот Оливер Спасовски потрагата по овој човек веднаш е започната.

Но, само неколку денови подоцна, на 27 ноември на шеесетина километри подалеку од Велес, во центарот на Скопје е пријавено второ исчезнување. Утрото во 8.35 часот мајката на малолетничката Вања Ѓорчевска во полиција пријавила дека нејзината ќерка излегла во 7.20 од домот во Дебар Маало, но не стигнала на училиште. Некаде околу пладне на социјалните мрежи го објавува ликот на девојчето, и моли за помош. Во 11 часот во полициска станица пријавил и таткото на Вања.

При тоа според министерот Спасовски таткото рекол дека ништо не знае освен дека девојчето не се појавило во училиште. Дел од овие детали веќе се познати за јавноста, но откако вчера МВР приведе петмина осомничени, тројца од нив признале вина и пред обвинителите ја раскажале хронологијата на случувањата и причините за нив.

Нивните искази, гледам дека имаат една хронологија која е прилично јасна. Според исказите жртвата од Велес имала должничко доверителски односи со еден од осомничените. Му бил сосед и му должел 500 евра и така е избран како жртва за да се земе колата Цитроен, која пак била потребна за грабнување на детето кое се случило подоцна“речеГаврил Бубевски, шеф на скопското обвинителство.

Според исказите на осомничените, откако го убиле Жежовски го закопале во околината на Велес и по нивните сведочења вчера е и пронајдено неговото тело.

Улогата на таткото на убиената Вања и неговата поврзаност со убиецот

Сведочењето на уапсените отвора сомнеж кој води и до таткото на убиената Вања Ѓорчевски. Тие тврделе дека од убиецот дознале кога и каде ќе биде девојчето, а тој пак ова го знаел токму од кажувањата на нејзиниот татко. Наводно вечерта пред грабнувањето веќе ги имале деталите за времето кога Вања ќе оди на училиште и дека таа ќе биде сама. Рано утрото ја пречекале во влезот на нејзината зграда.

„ Двете од лицата кои биле со возилото цитроен, а по претходна информација од вечерта пред извршување на грабнувањето знаеле дека девојчето ќе биде само и во колку часот ќе излезе од дома. Во влезот во зградата го грабнуваат и со врзани раце и нозе го ставаат во вреќа за спиење и го ставаат во гепек. Пред возилото се наоѓа друго возило „рено кангу“ кое цело време се движи пред нив и така е однесено на локација надвор од Скопје. Според сведоците таму е извршено и убиството и е запалено возилото „цитроен“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Сепак обвинителот Бубевски рече дека освен тврдењата се уште нема јасни индиции за неговата улога во грабнувањето на Вања. Не сакаше да навлегува ниту во детали за тоа како живеело семејството поради сензитивноста и преголемата болка за изгубената ќерка. Се уште се истражува и неговата врска со убиецот.

А, според досегашните сознанија и во двата случаи се работи за еден ист убиец. Дел од осомничените чувале стража, дел биле сведоци на убиствата, но само еден бил егзекутор. На новинарско прашање дали и во двата случаи убиецот е Љупчо Палевски – Палчо, одговорот беше потврден.

„И во едниот и во другиот случај е тој извршител, тој е организатор и реализатор на цела акција, но и на испалување на куршум во двата случаи “, рече Спасовски.

Инаку Љупчо Палевски – Палчо во последно време во јавноста повторно стана актуелен како основач на партијата „Десна“. Претходно влезе во бизнисот со градежништво, основач е на неделник, а во моментов има и свој поткаст „Тешки муабети“ на протускиот портал Инфомакс. Имал неколку прекршочни пријави и една кривична на која МВР се уште работи, но за него немало посебни истражни мерки.

Во саботата утрото полицијата уапси двајца велешани и еден штипјанец за кои обвинителството доцна вечерта побара 48 часовен притвор и беше изречен од Кривичниот суд во Скопје. За организаторот и осомничениот за убиствата денеска рекоа дека ја напуштил земјава на 30 ноември заедно со својот адвокат. Заминал за Белград од каде се упатил кон границата со Бугарија и ја преминал, каде и му се губи трагата. Бидејќи се уште нема отворено истрага, за него нема меѓународна потерница, но Спасовски тврди дека се известени соседните земји. Од МВР информираа дека доцна вечерта и таткото на девојчето е повикан во полициска станица каде дал исказ.

„Од досегашниот исказ во полицијата, јас што го знам, се уште таткото ги негира неговите дејствија. Неговата инволвираност, која ја сметаме за посредна, ја вадиме од кажувања на другите лица“, рече Бубевски.

Денеска од Обвинителството потврдија дека ќе биде побаран притвор и за него, но се уште се трага по докази за неговата наводна вмешаност.

Нема логично објаснување за мотивите

Испреплетени мотиви и нелогични постапки остануваат да „висат во воздух“ дури и за истражителите. И покрај инсистирањето од новинарите да се дојде до вистината сепак останаа неколку неодговорени прашања во целата трагична приказна. Според Бубевски се започнало од долгот на Жежовски кон соседот, но всушност тој бил „пикиран“ и поради возилото со кое веќе било планирано да се грабне девојчето и да се бара изнуда од мајката.

Спасовски обелодени дека мајката на Вања имала прилив на пари од продаден стан и најверојатно требало да биде уценувана. Но, нешто излегло од контрола и само два и пол часови по грабнувањето таа е убиена.

„Немаме известие дека е почнато нешто со барање за откуп. Ние ги знаеме мотивите од осомничените што ги кажуваат во обвинителството и полицијата, дека однапред кога се договарале, мотивите биле користољубие. Но, постапка за изнуда не е почната. Инаку не можам до крај да им влезам во намерите и умот, за нас она што е логично за некој е нелогично“, вели Бубевски.

Според сведочењето на тројцата паника настанала поради тоа што случајот со грабнувањето на Вања за многу брзо време предизвикал огромно внимание во јавност. Токму ова го натерало убиецот да стрела во Вања.

Но, останува нејасно како ситуацијата „излегла од контрола“ како што сведочеле осомничените во 10 часот кога рекле дека е убиено девојчето, а првата објава на социјалните мрежи од страна на мајката е на пладне односно два часа подоцна. И од МВР и од обвинителството рекоа дека сепак се работи за рана фаза на собирање докази.

Пиштолот не е пронајден, претрес имало и во политичка партија

Пиштолот со кој се извршени убиствота не е пронајден, во меѓувреме се чекаат резултатите од обдукцијата, се трага по нови докази од електронските уреди, тврдат од МВР. До сега се прегледани 70 видео надзори и 50 снимки од безбедносни камери, утврдена е траекторијата на движењето на возилата од зградата во Дебар Маало и во кој правец одат, а полицијата утврдила и од кој и од која бензинска пумпа го купува бензинот со кој е запален „цитроенот“ во кој го возеле девојчето. Инаку е извршен претрес и на просториите од партијата на убиецот, но министерот не можеше да каже дали парите кои требало да бидат изнудени ќе се употребувале во партиски цели.

Според обвинителот Бубевски во секое време осомничените можат да го негираат она што до сега го кажале и признале вина, но вели дека сепак очекуваат успешна истрага. И според Спасовски се работи за голем успех на полицијата и покрај тоа што беше запрашан дали е нормално неколку денови да нема никаков епилог за грабнувањето и убиството на Жежовски, да се вози неговата кола низ Скопје што пак резултираше со втора жртва која била всушност мета за дела од користољубие.

Случај кој ќе остане длабоко врежан во колективната меморија

Солзи, цвеќе и свеќи има од утрово пред училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ во кое учеше Вања. Соученици, нивни родители но и граѓани кои не ја познавале, чекаа во редица за да се потпишат во Книгата на жалост – изразуваат сочувство и оставаат последна порака. Учениците беа дојдени во училиштето, но класична настава не се одржуваше. Никој не остана рамнодушен после лошата вест која беше соопштена доцна синоќа, а масовно на социјалните мрежи се споделуваа објави во чест на жртвите.

Редица граѓани пред книгата на жалост за Вања Ѓорчевска во ОУ Песталоци, 4 декември 2023
Редица граѓани пред книгата на жалост за Вања Ѓорчевска во ОУ Песталоци, 4 декември 2023

Институциите смируваат. „Нема простор за паника, се работи за изолиран случај, нема опасност за останатите деца“.

Но, случајот на исчезнатата Вања одекна далеку на Балканот. Дел од медиумите во соседството, Србија, Косово, Албанија известуваа во обид што поскоро да се најде девојчето. Во земјава пак се ширеа и лажни вести и се подгреваше етничка нетрпеливост со податоци кои не беа потврдени од ниту една институција. Денеска уште еднаш Спасовски потенцираше дека нема никаква етничка позадина и дека ќе се отвори предмет за сите кои го злоупотребија овој случај. Бубевски пак побара време за да објави дали истиот човек – убиец е вмешан и во други убиства, грабнувања или изнуди.

Извор: РСЕ

Related posts

ИЗРАЕЛ ОДГОВОРИ СО ВОЗДУШНИ НАПАДИ НА РАКЕТИРАЊЕТО ОД ГАЗА

ninja

Мега-извозен центар во Скопје, Даути: Ги отвораме портите на европскиот пазар за домашните производи

admin

Малку се, многу се, но битно е за што ќе се троши финансиската помош од ЕУ

ninja

МАКЕДОНИЈА УВЕЗЕ 40 МИЛИОНИ ЕВРА СТРУЈА – КОЈ СЕ ОФАЈДИ?

ninja

Блинкен во ненајавена средба со Абаз, не поминала во добра атмосфера

admin

КРИЗАТА ГИ НАТЕРА ГРАЃАНИТЕ ДА ШТЕДАТ

ninja