Фудбалски легенди од Бугарија и Северна Македонија одиграа хуманитарен натпревар во бугарскиот град Варна, со цел собирање средства за жртвите од трагичниот пожар во дискотека во Кочани, Северна Македонија, во кој загинаа 62 млади лица.
Иницијативата, која ја предводеше бугарската фудбалска икона Христо Стоичков, има за цел да стане редовен настан, а следните натпревари се планираат низ различни градови во Бугарија.
„Годините минуваат, но спомените остануваат. Ви благодарам на сите од Варна што дојдовте и покажавте солидарност“, изјави Стоичков по натпреварот.
Градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, ги поздрави учесниците за, како што рече, „спортски празник со кауза“, нагласувајќи дека градот е горд што е домаќин на ваков настан. Тој додаде дека собраните средства ќе помогнат во ублажување на последиците од трагедијата.
Поранешниот капитен на македонската репрезентација, Горан Пандев, исто така им се заблагодари на организаторите.
„За нас беше чест да играме со најдобрите од Бугарија. Се надеваме дека следниот натпревар ќе биде кај нас, во Македонија. Не можеме да ги вратиме децата што ги изгубивме, но можеме да им помогнеме на нивните семејства“, рече Пандев.
На крајот на прес-конференцијата, поранешниот бугарски репрезентативец Красимир Балаков изјави дека вакви иницијативи треба да се случуваат почесто и да послужат како пример за идните генерации.
Инаку, пред полни трибини на стадионот „Спартак“ во Варна, репрезентацијата составена од фудбалски легенди на Северна Македонија ја совлада со 3:2 домашната селекција на ветераните на Бугарија на хуманитарен натпревар во чест на жртвите од пожарот во дискотека во Кочани. Натпреварот започна со едноминутно молчење за загинатите.
Македонските ветерани трипати водеа, а бугарските успеаја да израмнат двапати, пред Дарко Тасевски во 57. минута да го постигне победничкиот гол.
Головите за Северна Македонија ги постигнаа Ристо Божинов (22’) и Горан Пандев од пенал (40’), откако претходно и Мартин Камбуров погоди од белата точка (38’) за Бугарија. Пет минути по второто израмнување преку Петар Михтарски (52’), Тасевски со удар од 13-14 метри донесе конечни 3:2.
Во составот на Бугарија настапија легенди како Христо Стоичков, Борислав Михайлов, Златко Јанков, Јордан Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров и други. Од македонска страна, играа Горан Пандев, Игор Митревски, Николче Новески, Дарко Тасевски, Бошко Ѓуровски, Драги Канатларовски, Георги Христов и други. Селектор на македонската селекција беше Ѓоко Хаџиевски.
Натпреварот беше организиран од фондацијата „Национали 94“ во соработка со Општина Варна, која обезбеди поддршка од 120.000 лева. Пред почетокот, беше одржана забавна програма со учество на музичари од двете земји, меѓу кои Андријана Петрушовска од Северна Македонија.
Капитени на екипите беа Христо Стоичков и Горан Пандев. По натпреварот, и двајцата изразија надеж за нови слични средби, вклучително и можно реванш-издание во Северна Македонија.