Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, синоќа од Арачиново му упати јавен повик на новоизбраниот премиер Кристијан Мицкоски, барајќи од него да ги разјасни ставовите за прашања кои, според Ахмети, ги загрозуваат темелите на мултиетничката држава.
Пред поддржувачи, институционални претставници и семејства на паднати борци, Ахмети изјави дека Албанците се составен дел од државноста и нема да дозволат враќање на времето на дискриминација.
„Албанците се повеќе од 30% од населението, живеат континуирано на своите огништа и се неразделен дел од оваа држава. Ние не ја земаме државата – ние ја водиме нашата заслужена улога во неа,“ рече Ахмети, отфрлајќи ја, како што ја нарече, реториката на страв дека Албанците ја преземаат државата.
Во директен повик до Мицкоски, Ахмети побара одговори за најавените измени на Законот за употреба на јазиците и Рамковниот договор, кои ги гарантираат колективните права на албанската заедница.
„Зошто го менувате Законот за јазиците? Зошто го менувате Рамковниот договор? Зошто ја загрозувате мирот, стабилноста и безбедноста?“ праша Ахмети.
Тој предупреди дека реториката за „чесни Албанци“ потсетува на филозофијата на поранешните режими.
„Кој ја користеше таа реторика? Милошевиќ. Секој што денес ја оживува таа логика, оживува идеологии кои Албанците ги имаат совладано со крв и жртва,“ нагласи Ахмети.
Повикувајќи се на постконфликтните постигнувања, вклучувајќи универзитети и професионален кадар, Ахмети порача дека Албанците нема повеќе да бидат „слуги во сопствениот дом“.
„Времето на страв и молк заврши. Денес имаме право и моќ да бидеме рамноправни партнери,“ рече тој.
Ахмети се спротивстави на секоја тенденција за моноетничка држава и истакна дека соживотот не смее да биде доведен во прашање.
„Повеќе нема едноетнички влади. Оној што го загрозува соживотот, не може да ни биде партнер,“ изјави тој.
Лидерот на ДУИ упати повик за мир, европска интеграција и обединет регион.
„Ние не бараме голема Албанија, голема Србија или голема Бугарија – туку голема Европа, без граници, како Германија и Франција. Западен Балкан обединет во Брисел,“ рече Ахмети.