Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција упати серија критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека безрезервно го следи примерот на поранешниот премиер Зоран Заев.
Манасиевски праша дали Филипче „се восхитува“ и „учи“ од, како што рече, методите на Заев, притоа алудирајќи на контроверзната изјава на поранешниот премиер од изборна кампања, кога рече дека „ќе јаде живи луѓе“, што според него симболично значело политичка пресметка со противниците.
„Венко Филипче беше дециден дека од Заев треба да се учи. Но, дали тоа значи дека го прифаќа и начинот на кој Заев управуваше – вработувања по партиски клуч, притисоци и злоупотреби?“, праша Манасиевски.
Тој обвини дека Филипче се поставува како „чувар на тронот“ во СДСМ и дека презема дел од стилот и политиките на неговиот претходник.
„Народот одамна го испрати Заев и неговите политики во историјата, а Филипче е на добар пат да му се придружи“, додаде Манасиевски.