Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, пристигна во Белград во рамки на нејзината регионална турнеја низ Западен Балкан.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со Калас изјави дека Србија останува сигурен партнер за сите кои искрено се стремат кон соработка, напредок и заедничка европска иднина.
„Ја истакнав нашата посветеност на конструктивен дијалог, под покровителство на ЕУ, како начин за решавање на отворените прашања, а заштитата на српскиот народ на Косово останува наш апсолутен приоритет“, објави Вучиќ на Инстаграм. Тој додаде дека потсетил оти формирањето на Заедницата на српски општини е договорена обврска и предуслов за натамошен напредок во дијалогот.
Вучиќ нагласи дека со Калас разговарал и за усогласувањето на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Сигурен сум дека Србија, како држава која се стреми кон членство во ЕУ, има капацитет да придонесе кон зачувување на мирот, стабилноста и европските вредности, зачувувајќи ги истовремено своите витални национални интереси“, рече Вучиќ.
Калас, на својот профил на социјалната мрежа Икс, порача дека дијалогот меѓу Белград и Приштина е „неопходен чекор за напредок кон Европската Унија“ и дека „време е за нов ангажман“.
Таа престојува во дводневна посета на Западен Балкан, вклучувајќи ги Србија, Косово и Северна Македонија. На белградскиот аеродром „Никола Тесла“, Калас беше пречекана од министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ.
Според најавите на Европската служба за надворешни работи, Калас ќе се сретне и со српскиот премиер Ѓуро Мацут, министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, како и со опозициски пратенички групи.