27.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАРЕПУБЛИКА

Мицкоски: Новите заеми ќе бидат најевтини во историјата

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека каматните стапки за заемите кои државата ќе ги користи за инфраструктурни проекти по новиот договор со Обединетото Кралство ќе бидат најниски што може да се добијат на пазарот во моментот.

Според него, Македонија ќе го користи кредитниот рејтинг на Велика Британија, кој е ААА, наместо својот, што ќе ги намали каматните трошоци. Пресметките покажуваат дека каматната стапка ќе биде пониска од 4,5 проценти.

„Каматата ќе биде најдобрата што можеме во овој момент да ја добиеме како држава на пазарот“, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања.

Договорот за партнерство помеѓу Владата на Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој сега е во процедура во Собранието, предвидува Министерството за финансии да распише јавен повик на меѓународниот пазар каде што ќе се избере најповолен кредитор од 18 до 20 банки, вклучително и големи европски финансиски институции. Процесот ќе биде транспарентен и конкурентен.

Мицкоски потенцираше дека официјалниот дијалог за финансирањето сè уште не е отворен и дека деталите ќе бидат соопштени кога ќе се договори.

Премиерот ги отфрли обвинувањата за скриени детали и корупција, истакнувајќи дека Обединетото Кралство не е земја од која „може да се краде“.

„Зарем може некој да зборува за коруптивна зделка со Обединетото Кралство? Каматната стапка ќе биде пониска затоа што го користиме нивниот кредитен рејтинг ААА“, рече тој.

Договорот предвидува грејс период од пет години, а првата отплата ќе биде на 1 јануари 2027 година. Детали за пресметката на каматата за време на грејс периодот ќе бидат познати откако ќе почнат преговорите со избраниот кредитор.

Во рамки на договорот, Мицкоски најави и стратешка инвестиција од британска компанија вредна меѓу 250 и 300 милиони евра за производствен капацитет со безбедносна ориентација, кој би генерирал извоз од една милијарда евра годишно. Проектот е под договор за доверливост, но ќе биде презентиран на јавноста по финализацијата.

Договорот за партнерство, потпишан на 22 мај во Лондон, опфаќа инфраструктурни проекти во здравството, транспортот, енергетиката и дигиталната трансформација. Меѓу приоритетите се реконструкција на болници, изградба на брза железница по Коридорот 10, развој на транспортниот Коридор 8 и зголемување на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.

Проектот за хидроелектрани Чебрен, Галиште и Орлов Камен, за кој се преговара со британските партнери, е оценет како најголем енергетски проект во земјата во последните три децении, со инвестициска вредност од 1,2 до 1,3 милијарди евра. Ова ќе помогне во енергетската транзиција и ќе обезбеди дополнителни водни резерви за земјоделството и развојот на туризмот во регионот Мариово.

Договорот има рок на важност од 10 години и не создава правни обврски, туку политичка и стратешка рамка за соработка помеѓу двете влади.

Related posts

ДАЛИ НА ЗАПАДОТ МУ СНЕМА МУНИЦИЈА?

ninja

Меџити: Вреди ќе биде фаворит на локалните избори, Таравари треба сам да си замине

admin

Се повлекува ли Ердоган од политиката?

admin

СТУДЕНТСКИ ОБРОК: ДОБАР АДУТ ЗА ФАЛЕЊЕ ВО ОН, ЛОШ ЗА БУЏЕТОТ

ninja

Тресење во ВЛЕН: Кој ќе излезе како губитник на крајот?

admin

Дали воведувањето санкции за НИС го означува крајот на балансирањето на Србија меѓу Истокот и Западот?

admin