Дваесетгодишниот Васил Јованов во четвртокот пред скопскиот Кривичен суд ја призна вината за сообраќајната несреќа во која под дејство на алкохол и без возачка дозвола, ја усмрти Фросина Кулакова на булеварот „Партизанска“ во Скопје.
„Да, судија, виновен сум. Ова ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Носам огромна грижа на совест“, изјави Јованов пред судот. Тој додаде дека секојдневно се моли за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство, изразувајќи „најдлабоко сочувство“.
Според обвинителството, инцидентот се случил кога обвинетиот, возејќи со брзина над дозволената, под дејство на алкохол, на црвено светло и без положен возачки испит, ја прегазил ќерката на Камелија и Тодор Кулакови додека минувала пешачки премин.
„Фросина не беше само прегазена – таа беше згасната на начин кој човечкиот ум не може да го прифати,“ изјави Камелија Кулакова, мајката на жртвата, која ја опиша својата загуба како „грабеж на живот, иднина и правда“.
Семејството побара изрекување на највисоката казна за Јованов, нагласувајќи дека бараат „правда, а не одмазда“. Адвокатот на семејството изјави дека изрекувањето на максималната затворска казна би била единствено задоволување на правдата и предупредување за идни слични случаи.
Обвинителот Александар Марковски рече дека ќе докаже дека дејствијата на Јованов биле извршени со умисла, истакнувајќи дека не станува збор за класична сообраќајна несреќа, туку за последица на сериозни прекршувања на законот.
Семејството на жртвата посочи и дека било целосно исклучено од текот на истрагата, а таткото на Фросина, Тодор Кулаков, изјави дека законите се „нехумани и неправедни“, бидејќи родителите на жртвата немаат право на увид или учество во предметот.
Одбраната, пак, побара судот да ги земе предвид олеснителните околности, вклучувајќи ја младоста на обвинетиот и неговото покајание, поткрепено со видео-докази презентирани во судот.
„Се работи за 20-годишно момче кое целосно ја призна вината. Ова не е ни првата ни последната трагедија од ваков тип во Македонија,“ изјави адвокатот на обвинетиот, Сашко Дуковски, повикувајќи на индивидуализиран пристап при изрекување на пресудата.
Судот ја закажа објавата на пресудата за 13 мај.