Повеќе од половина од земјите членки на Европската унија планираат да ја активираат итната клаузула што им овозможува да инвестираат во одбраната иако тоа ги надминува ограничувањата за јавна потрошувачка пропишани со буџетските правила на ЕУ.
Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Германија, Естонија, Грција, Хрватска, Латвија, Литванија, Унгарија, Полска, Португалија, Словенија, Словачка и Финска бараат поголема флексибилност за зголемување на сопствените одбранбени капацитети, соопшти Советот на ЕУ.
Дванаесет од нив веќе поднеле формално барање до Европската комисија, потврди извршната власт на ЕУ.
Ослободувањето од правилата им овозможува на земјите да ја зголемат потрошувачката за одбрана до 1,5% од нивниот бруто-домашен производ годишно во наредните четири години без да ги прекршат фискалните правила на Унијата.
Германија е единствената голема економија во ЕУ што планира да ја искористи клаузулата. Земји со високи буџетски притисоци, како Италија или Франција, досега не побарале ваква флексибилност, ниту пак држави со стабилни јавни финансии како Холандија или Шведска.
Иако спаѓа во последната група, Данска исто така се приклучи на иницијативата за да испрати политичка порака. „Активирањето на клаузулата од страна на Данска ќе помогне да се испрати сигнал до надворешниот свет дека земјите од ЕУ се обединети во напорите за зајакнување на одбраната,“ изјави министерот за економија Стефани Лосе.
Комисијата ги повика земјите-членки да донесат одлука до 30 април за подобра координација на фискалната политика и колективна активација на клаузулата до јули. Сепак, рокот не е обврзувачки.
Шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо изјави во средата дека Шпанија ќе донесе одлука „во наредните месеци“.
Италијанскиот министер за финансии Џанкарло Ѓорџети смета дека Рим може да ја достигне целта на НАТО за 2% од БДП за одбранбени трошоци со ревидирање на буџетските ставки. Италија ќе почека до самитот на НАТО во јуни, кога се очекува ново усогласување на целите за трошоците на сите земји членки.