16.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Судски совет го избра Африм Фидани за претседател на Врховниот суд

Со осум гласа „за“ и пет „против“, Судскиот совет го избра судијата Африм Фидани за нов претседател на Врховниот суд на Северна Македонија, на местото на Беса Адеми, која доби само два гласа поддршка за повторен мандат.

Фидани е судија во Врховниот суд од 2017 година. Во трката за позицијата учествуваше и поранешната претседателка на судот, Адеми, која доби 11 гласа „против“.

Членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, изјави дека не го поддржува ниту еден од кандидатите. „Мнозинството од колегите решија да му ја дадат поддршката на вториот кандидат. Му честитам и искрено посакувам да ме демантира во ставот – не од лични причини, туку затоа што тоа би било добро за судството и за граѓаните,“ рече Чачарова-Илиевска.

Спротивен став изнесе членката Весна Дамева, која оцени дека двајцата кандидати се дологодишни судии со свои ставови, но нивната презентација можеби не била во согласност со очекувањата. „И ние, како носители на јавни функции, не секогаш го кажуваме она што сакаме да го кажеме,“ додаде таа.

Ивица Николовски, друг член на Советот, рече дека не забележал иницијативи од страна на Адеми за рационализирање на судскиот систем. За Фидани, пак, оцени дека треба да се истакне преку развој на правната мисла, а не само преку функцијата. „Не можам да гласам за судија кој сака да биде претседател, а не покажал ангажман во развојот на стратегии или идеи во судството,“ рече тој.

Фидани е судија на Врховен суд од 2017 година. Според неговата кратка биографија објавена на веб-страницата на судот, по завршување на средно училиште и отслужување на воениот рок, во 1985 година Фидани се запишал на Правниот факултет на Приштинскиот универзитет. Од 2005 до 2007 година бил секретар на Општина Врапчиште, а од 2007 до 2011 година адвокат, со седиште во Гостивар. Во 2011 година е избран за судија во Апелацискиот суд Скопје во кривичниот оддел.

Покрај изборот на претседател на Врховниот суд, Судскиот совет го избра Иван Џолев, досегашен претседател на Кривичниот суд Скопје, за судија во Апелациониот суд Скопје. Во истиот суд, за кривична материја се избрани и судијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова, како и судијата Бетим Јахја. Хаџо Тариќ е избран за претседател на Основниот суд во Крушево.

 

 

Related posts

СДСМ ќе ја топи разликата, ВМРО-ДПМНЕ открива црни сценарија

admin

Започна војна на кланови за тронот на Путин

admin

Ретка достоинствена прослава на независноста од една балканска држава

admin

ИЗДАДЕНА ДЕВЕТТА ЕВРООБВРЗНИЦА ОД 600 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОТПЛАТА НА СТАРИ ДОЛГОВИ

ninja

Бајден останува во трката за претседател на САД

admin

Втор пациент почина од пожарот во дискотеката во Кочани, бројот на жртви се искачи на 61

admin