33.8 C
Скопје
16 јуни, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ЗДРАВСТВОТО – НЕ Е ТРОШОК, ТУКУ ПРЕДУСЛОВ ЗА ПРОСПЕРИТЕТ (ПРИКАЗНАТА ЗА АСКЛЕПИЈ*)

Пишува: Проф.Др Драган Даниловски

Од позиција на долгогодишен епидемиолог, универзитетски професор и поранешен министер за здравство, имам обврска – но и одговорност – да поставам една од најнепријатните, но неопходни дијагнози:

Во Македонија, здравството, последниве повеќе од триесет години, не е државен приоритет, туку декларативна обврска сведена на празни флоскули, ад-хок решенија и хронично потценување на неговата важност. Доказ за тоа е фактот што здравството не се наоѓа(ло) во листата на стратешки приоритети на ниедна влада досега!

Ова е сериозна системска грешка. Причината е едноставна: Во секое сериозно општество, здравството не треба да се гледа како обичен ресор, туку како основа на националниот опстанок и стратешки ресурс на развојот.

Во светот денес, кога секоја земја се стреми кон економски раст, технолошки напредок и социјална стабилност, еден фактор стои како неопходна, но често потценета основа: здравјето на населението.

Здраво население значи повисока продуктивност, пониски трошоци за социјална помош, повисоки образовни достигнувања, поодржлив економски раст и, конечно, поголема национална безбедност.

Но зошто токму здравството ја носи таа тежина?

1. Без здрава работна сила, нема економија, нема даноци, нема напредок. Болен човек не е само индивидуа што страда – тој е и изгубена економска и социјална енергија.

2. Здравството претставува национален имунитет! Тоа е фронтот што го брани општеството од епидемии, хронични болести, ментално страдање и здравствени нееднаквости. Без здравствен систем, сите сме индивидуално и колективно ранливи. Јавното и приватното здравство мора да бидат дел од единствен, интегриран здравствен систем.

3. Сите економски анализи покажуваат: секој вложен денар во здравствената заштита се враќа преку намалена инвалидност, продолжена работоспособност и повисока продуктивност. Според Светската банка, подобрувањето на здравствените индикатори директно корелира со растот на БДП по глава на жител. Примерите од нордиските земји, Сингапур, па и поранешни транзициски економии, покажуваат дека инвестирањето во здравствените системи не е луксуз, туку стратегија за опстанок и развој.

4. Колку еден здравствен систем е поквалитетен, толку повеќе граѓаните имаат доверба во државните институции. Јавното здравство е огледало на грижата на државата за својот народ.

Каде сме ние, реално?

Иако речиси сите влади досега декларативно го прогласуваа здравството за „највисок приоритет“, реалноста на терен е поинаква:

• Буџетот за здравство е под европскиот просек;

• Хроничен недостиг од здравствен кадар, кој масовно емигрира;

• Руинирана инфраструктура и застарена опрема – често неискористена;

• Корупција, непотизам и политички влијанија во управувањето со здравствените установи;

• Толерирање на паралелен систем – формално „јавно“, но суштински државно и приватно здравство;

• Недостиг од десетгодишна национална стратегија за здравство, која би била усвоена на ниво на Собрание – како здравствен „устав“ што ќе гарантира континуитет на политиките без оглед на владејачката структура.

Ова не се само институционални слабости – туку општествени симптоми. Симптоми на општа индиферентност кон јавниот интерес.

Како општество, не можеме да бараме резултати од образованието, економијата, науката или правдата, ако ги градиме врз слабо, запоставено и фрагментирано здравство.

Здравството не е дополнување на државата – тоа е нејзин биолошки, морален и економски фундамент.

Што да се прави?

• Да се третира здравството како инфраструктура од критично значење, а не како ресор за краткорочни политички поени;

• Да се зголеми буџетот за здравство, но и одговорноста во трошењето;

• Да се воспостави транспарентен систем на управување, без партиски влијанија;

• Да се интегрира јавното и приватното здравство во единствен здравствен систем;

• Да се воспостави плурализам на здравственото осигурување;

• Да се задржат здравствените работници преку реална поддршка, достоинствени плати и професионален развој;

• Да се врати моралната вертикала во медицината, преку одбраната на професионалната автономија и етиката.

Здравството не е само место каде се лекуваат болести. Тоа е општествен имунолошки систем. А кога тој систем е ослабен, сите останати реформи, колку и да се добронамерни, ќе бидат само „кули од песок“.

Нема силна држава без здраво население.
Нема здраво население без силен и праведен здравствен систем.

Ако е тоа вистина, зошто упорно, со милениуми, кај секој „нов Олимп“ се раѓа желба за убиство на Асклепиј?
За да не го наруши „поредокот во нивниот космос“?
________________
*Асклепиј или Ескулап (старогрчки: Ἀσκληπιός [Asclepius]; латински: Aesculapius) — бог на медицината, исцелувањето, подмладувањето и лекарите во старогрчката митологија.

 

Related posts

Криза во концентрични кругови

admin

Монте Карло? Зошто да не? Псе јо?

admin

ШТО (КОЈ) СТОИ ЗАД ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ „ЦАР БОРИС“?

admin

Британско-европски самит: Сигнал за вистинско зближување?

admin

Претседателката Силјановска-Давкова и објави војна на Грција

admin

КОЛЕКТИВЕН ПРОПУСТ

admin