Пишува: Никица Корубин
Државата, како политичка формација, го креира, сублимира и штити, интересот на сопствените жители – граѓани. За да можат тие, во современа смисла, да имаат и практикуваат индивидуален интерес, мора да има организиран (демократски) систем, базиран на владеење на правото, кој ќе ги штити нивните права и пропишува нивните обврски. И тој систем, односно таа држава го манифестира и обликува нивниот политички идентитет – националност, јазик и официјален наратив; и ги заштитува нивните етнички, културни, религиски и сите други идентитети.
Оттаму, врвен приоритет за добриот живот на граѓаните е функционалноста на нивната држава. И пред се нејзиното постоење и опстојување. Зошто тогаш, кај нас константно “таргет” е токму државата и нејзината функционалност, во име на последователните нешта – идентитет, јазик – кои и не може да бидат експонирани, а најмалку заштитени доколку не постои државата? И ако државата е клучната нишка, дали проблематизирањето на државата и нејзината интеграција (Преспански договор, Охридски договор, Договор со Бугарија) во меѓународниот правен поредок – од 1991 до денес – е всушност заштита или напад врз “идентитетот/идентитетите”?
Ако меѓународната заедница (САД и ЕУ државите, но и Обединетите нации), константно ја “водат” битката со, но пред се “за нас” за креирање и позиционирање на млада држава произлезена од федеративен, но тоталитарен систем, и нејзина трансформација во демократско, мултиетничко, мултикултурно и мултирелигиско општество; хумано и инклузивно за сопствените граѓани; дали тоа за нас како поединци е всушност врвниот приоритет?
Па, зошто тогаш нашиот “приоритет” е саботиран од нашите “елити” – влијателни политички, партиски, финансиски, академски, религиски, медиумски – преку “заробување на општеството” за релативизирање на државата и нејзино фактичко ослабување, преку константно блокирање на сите неопходни политички, економски и структурни чекори – со ситни, крупни и безбедносни провокации и кочења од секаков вид; предизвикувајќи го постојано македонскиот идентитет, преку негово “преиспитување” со класично “малтретирање” – јазик, знаме, име?
И зошто секогаш, како по правило, “најгласните патриоти” се истовремено најголемите албанофоби, бугарофоби и гркофоби? Па, зарем “борците за македонскиот идентитет” не треба истовремено да бидат најголемите космополити, и први заштитници на албанскиот и бугарскиот идентитет кај нас? Лицемерно е да се тврди дека “македонскиот идентитет” е загрозен, а истовремено да се загрозува “албанскиот идентитет” или да се тргува со “бугарскиот идентитет”, условувајќи ги уставните измени, со битка за “федералниот наратив за идентитетот” претставен како идентитет сам по себе.
И исклучително чудно е како на пример “многувековната автокефалност на Охридската архиепископија” канонски призната од “уште по-многувековната Вселенска патријаршија” е сведена на “децениска автономија” во класичен потчинет анти-идентитетски манир? Па, дури и во федеративниот наратив, религискиот идентитет има поголемо достоинство, од овој класичен “освојувачки и колонијален упад”, во современоста и стратешката ориентација на државата, поддржан или премолчан и од “борците за идентитетот”, но и од “про-европскиот” пандан на “либералниот” дел од истите наследени и (единствено) подобни елити.
Уште пред неколку години, Светска банка, има направено проценка за само-одржливоста на Северна Македонија, која треба да придонесува, а не само да ги (ис)користи фондовите на ЕУ. Тоа се провизорно три клучни области и за сите три е клучна е инфраструктурата и отвореноста на државата кон соседите и ЕУ – земјоделството, културното наследство и туризмот. Сите три се или драматично и драстично девастирани, или сведени на површна експлоатација.
Но, една од нив е класично “идентитетска”, и претставува вистинска одбрана на идентитетот – заштитата на културното наследство. Кое е целосно упатено на “систем” – организирана и богата држва и на “добри пракси” – ЕУ законодавство и поврзаност со најдобрите во областа (меѓу кои и соседите Грција и Бугарија, како ветерани во областа и Албанија и Косово како исклучително добри ученици во областа). И тоа се реперите за македонски (државен) интерес.
Преговори со ЕУ веднаш. Уставни измени веднаш. Во име на истиот идентитет, кој да се бранеше системски и научно, толку колку што се злоупотребуваше, одамна Северна Македонија ќе беше функционална држава, каква што некој упорно не сака да биде. Но, важно е што сакаме ние, функционална држава или нефункционални наративи?