Последните случувања поврзани со антиевропската агенда во регионот претставуваат јасен показател за организиран проект, поддржан од моќни центри со проруска и прокинеска ориентација, со цел да се наруши демократскиот поредок на Балканот и да се блокира евроинтегративниот процес, соопшти денес Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Според партијата, станува збор за добро организиран проект кој добива политичка, медиумска и финансиска поддршка од антиевропски сили кои настојуваат да го изолираат регионот и да го вратат под влијание на источни автократии.
ДУИ предупредува дека во овој „опасен сценарио“ клучна улога играат Владата на Северна Македонија и раководството на Република Српска, предводено од Милорад Додик, кои, како што се наведува, се на првата линија во обидите за саботажа на европската агенда во регионот.
Партијата, исто така, обвинува дека некои албански фракции во актуелната власт, кои ги опишува како „васали под директна контрола на Христијан Мицкоски преку Јавното обвинителство“, активно учествуваат во овој процес, со цел, како што се вели, да се прикријат сопствените криминални афери.
„Овие ‘албански партнери’, неспособни и корумпирани, не можат да бидат легитимна заштита на толку опасен, антиалбански и антиевропски проект“, стои во соопштението.
ДУИ порачува дека „Албанците никогаш нема да дозволат државата да стане сојузник на Додик и инструмент за саботажа на Брисел во регионот“.
„Нема да прифатиме да станеме заложници на агенда што ја урива еднаквоста, демократијата и европската перспектива на нашата држава“, заклучува партијата.

