32.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Идентитет – тема што не смее да се сведе на пинџур

Кога се зборува за иденитетски теми треба голема деликатност, дури и тогаш кога намерите се најдобри, вели поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Пишува: Катерина Блажевска

Дојче Веле

Дали и колку челниците во ЕУ навистина разбираат дека се засегаат идентитетски прашања на Македонците преку билатерални условувања на патот на земјата кон ЕУ? Прашањето се наметна по вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која може да се подели на два дела. Едниот дел со кој сите се согласуваат, е оној во кој таа потенцира дека „идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување, идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца, идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина“. Она што предизвика бројни реакции и коментари, е вториот дел од нејзината изјава, во која еврокомесарката во истиот контекст ја посочи „традицијата, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, традиционалните носии, односите што ги градиме со повозрасните и каков однос имаме кон македонскиот јазик”.

Традицијата, фолклорот и гастрономијата беа почувствувани како несоодветна илустрација за суштината на клучното прашање, кое излезе на виделина на седницата на АФЕТ пред една недела. Иако тогаш буграските европратеници неуспешно се обидоа со амандмани да го дефинираат македонскиот идентитет и јазик како „модерен“, не се откажуваат истото да го сторат на пленарната седница на ЕП на 8-ми јули, кога на дневен ред ќе биде извештајот за напредокот на Македонија.

Условувањата и идентитетски оспорувања

На социјалните мрежи врие од критики – сите со разочараност што храна поименично е ставена во контекст на еден идентитет – но и со утеха што премиерот добро реплицирал.

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека кога се зборува на овие теми треба голема деликатност, дури и тогаш кога намерите се најдобри.

„Иако одлично почнува, повикувајќи се на европските вредности на разноликост, на примерот со словенечкиот јазик како еден од официјалните јазици на ЕУ, изјавата во вториот дел отиде во друга насока“, вели Димитров.

„Ние имаме очигледен проблем со суштински антиевропска позиција на оспорување и историски ревизионизам и ниту минимизирањето ниту банализирањето на овој факт не ни помага. Еве, пак излезе на виделина во дебатата во ЕП. Ние немаме страв дека некој ќе ни го одземе идентитетот. Нашиот проблем е во условувањата на нашиот пат кон ЕУ со историски предуслови и идентитетски оспорувања. Да беше прифаќањето на идентичен историски наратив услов за ЕУ, во Унијата немаше да има ниту една европска земја. Значи нашата секирација е дека со ваков процес нема да стигнеме до членството, а не дека некој ќе ни го земе идентитетот. Затоа, кога се зборува на овие теми, особено на гости, треба голема деликатност, дури и тогаш кога намерите се најдобри“, оценува поранешниот шеф на македонската дипломатија.

Суштина на недоразбирањето со Бугарија

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) се согласува дека најголем дел од реакциите на изјавата на Марта Кос се однесуваат на последниот дел од неа – за тавчето гравче и пинџурот. Но…

„Но се превидува почетокот, кој гласи: ‘Идентитетот, според мене, никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување’. И тоа треба да ја определува позицијата на ЕУ кон ова прашање, како што впрочем многупати ја повториле и поранешниот амбасадор на ЕУ кај нас Дејвид Гир, сегашниот Михаил Рокас, како и високите претставници на ЕУ кои беа во посети кај нас неодамна: Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта и Каја Калас“, потсетува Кржаловски.

Прашање е дали на сите во ЕУ има е јасна позадината на спорот и како се пристапува кон тоа – суштински или технички.

„Проблемот е што тоа – идентитетот – е суштината на недоразбирањето со Бугарија, и иако не е дел од формалните барања (уставните измени за внес на бугарското малцинство во преамбулата, како и петте претходни барања), тоа е позадината на спорот, чии елементи и можни понатамошни условувања се вградени во Преговарачката рамка и Протоколите кон Договорот за добрососедство со Бугарија. Ова дополнително стана јасно со дебатата во Европскиот парламент по однос на Извештајот за Македонија на известувачот Томас Вајц, каде со дискусиите и амнадманите, бугарските европарламентарци недвосмислено го потврдија тоа – барањето да се додаде ‘модерен’ или ‘современ’ пред македонски јазик. Дополнително, во ЕУ-структурите, вклучително и кај тие што се директно задолжени за Македонија, на ова се гледа главно како на техничко прашање, за кои ние како држава сме се согласиле и според тоа треба да испорачаме – да ги усвоиме уставните измени. И не само што не навлегуваат многу или воопшто во суштината на проблемот, ниту пак многу се оптоваруваат со негово разбирање“, смета Кржаловски.

Удар врз преговарачкиот процес

Еврокомесарката Кос вчера се повика на европските вредности на разноликост, но токму во овој сегмент, според експертите, има уште една контрадикторност. Ако ЕУ зборува за вредности и разноликост, тогаш како дозволи изјавата со која Бугарија не го признава македонскиот јазик да биде констатирана заедно со преговарачката рамка? На ова прашање кусо се осврна Малинка Ристеска Јорданова, експерт за ЕУ, во гостување на ТВ Телма. Изјавата на Кос ја оцени како трагикомична и како едно големо дипломатско промашување, додавајќи дека многу претставници на ЕУ немаат сензибилитет со што се справуваат.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, вели дека на соговорниците од ЕУ им е кажано каква штета може да предизвика префиксот „модерен“ во Извештај на ЕП пред „македонски идентитет” или „македонски јазик”.

„Навреме сме кажале дека тоа ќе биде огромен удар врз преговарачкиот процес, бидејќи тоа ќе значи дека некој друг го диктира идентитетот и јазикот на една соседна држава, што се коси со правото на самоопределување“, рече Муртезани во гостување на ТВ Сител.

Потсети дека постојат две спротивставени визии за европската интеграција на Македонија.

„Секогаш кога се спомнува отворањето на преговорите, 26 земји членки на ЕУ велат – спроведете ги уставни измени, ова е единствениот услов. А Бугарија вели – уставните измени, заклучоците од Советот од јули 2022 година, Договорот за добрососедство, преговарачката рамка и протоколите, односно протоколот број 2. Тука се гледа дека има две различни, а според нас, спротивставени гледишта“, рече Муртезани, посочувајќи дека бугарскиот став е голем извор на натамошна билатерализација на целиот процес, што води кон процес без крај.

Чекалницата ги стопи очекувањата

Но, досегашниот 20-годишен пат на земјата кон ЕУ, со бројни отстапки, а никаков напредок, веќе искреира скепса во јавното мислење, па речиси и за никого не е изнедувачки податокот од анкетата, според кој 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУ. Истражувањето е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон ЕУ, реализирано во соработка на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел), германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“ и македонската младинска платформа „Студентарија“.

Изненаден ли е од овој податок – го прашавме Кржаловски.

„Па да, со секоја нова анкета, опаѓа и поддршката за членство во ЕУ. Сега е уште мнозинска, но едвај – 54%, за разлика од 2004 година, кога беше 91,2%, а и вербата дека некогаш ќе станеме членки – сега и најоптимистичките прогнози укажуваат на 2035 година како можна за влез во ЕУ членство. И однесувањето на Владата оваа година, не укажува на некоја ургентност во решавањето на проблемот – не се носат уставните измени, а не се гледа дека се прави доволно или што било за промена на таа состојба, па полека како да се навикнуваме дека ‘нема шанси’ да станеме ЕУ-членка или не во догледно време“, вели Кржаловски.

Според Никола Димитров, резултатите од анкетата се многу логични, со оглед на македонското долго искуство со евроинтеграциите, како земја со далеку најголем стаж во чекалницата, но и неисполнетите ветувања од страна на европските лидери.

„Ние сме, за жал, најдобриот пример како не треба да се одвива процесот на проширување, кој од процес на демократски и економски реформи, стана можност за билатерални измачувања. И покрај нашите внатрешни слабости кои добро си ги знаеме, причината за овој слободен пад на кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ, барем во македонскиот случај, се повеќе во самата ЕУ отколку кај нас. Можеби не сме подготвени да бидеме земја членка денес, но тврдам дека одамна сме подготвени вистински да преговараме. Но сознанието дека кабаетот не е главно наш, не ни врши работа. Наша е задачата да го најдеме патот до членството, токму за генерацијата што била предмет на анкетата – пат до членството, а не до следното вето“, вели Димитров. /DW

Related posts

Се формира „Источноазиско НАТО“

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

Пораките на Урсула фон дер Лајен

admin

Бавната смрт на македонските телевизии

admin

Биди умерен во победата и грациозен во поразот

admin

Општетсвото да се бори повеќе за медиумската саморегулација

admin