Алијанса за Албанците (АА) остро реагираше на, како што ја нарече, тивката поддршка од страна на политичката групација ВРЕДИ за новиот предлог-закон за игрите на среќа, инициран од ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи дека законот може да има сериозни социјални и економски последици, особено за албанската младина.
„Овој предлог-закон не носи никакво вистинско подобрување за албанската заедница. Напротив, тој го зајакнува и официјализира присуството на коцкарската индустрија во близина на нашите населби, со тешки последици по менталното, економското и социјалното здравје на граѓаните,“ се наведува во соопштението на партијата.
АА тврди дека единствениот аргумент на ВРЕДИ за поддршка на законот се темели врз, како што ја нарекува, „измамна наратива“ дека ќе се воспостави минимална оддалеченост од 500 метри меѓу казината и училиштата.
„Вистината е сосема поинаква. Во актуелната верзија на предлог-законот е внесена клаузула која го одложува применувањето на оваа мерка на неопределено време, а притоа не се предвидува дислокација на веќе постоечките објекти во близина на училиштата. Со други зборови, казината остануваат таму каде што се, само што сега ќе бидат легални – со благослов на ВРЕДИ и по налог на ВМРО-ДПМНЕ,“ додава партијата.
Алијансата ја обвини ВРЕДИ за „целосен недостиг од политичка волја“ и инволвираност во, како што вели, „политички пазарења на штета на интересите на албанските граѓани“.
„ВРЕДИ нема ниту капацитет, ниту политичка храброст да ги застапува интересите на Албанците. Прифаќа сè што ќе му биде сервирано од ВМРО-ДПМНЕ, докажувајќи уште еднаш дека е дел од власта исклучиво поради лични, клиентелистички и финансиски интереси,“ се наведува понатаму.
АА го оцени предлог-законот како уште едно „неисполнето ветување“ од страна на ВРЕДИ и најави дека, како што рече, „исклучувачката и штетна политичка агенда“ ќе биде санкционирана на претстојните парламентарни избори во октомври.
„Коцкањето не е развој. Тоа е морален, социјален и економски колапс. Прифаќањето на овој закон значи прифаќање на колапсот,“ се вели на крајот од реакцијата на Алијанса за Албанците.

