Пишува: Никица Корубин
Ако се направи кратка ретроспектива на изминатите неколку години, преку јавниот дискурс и форсираниот наратив, ќе се види големиот напредок во однос на изнудениот став за процеси и тенденции, во кои (не)свесно како држава бевме и сме внесени од политичките елити. Па, ако до пред некоја година беше апсолутно скандалозно и претенциозно да се проблематизира проектот за “Мал Шенген” – брзо трансформиран во “Отворен Балкан” – всушност претворен во прокси на т.н “српски свет”; денес е неопходно сите официјални политички лица и “официјални” аналитичари, да имаат став по официјалната дефиниција на ЕУ за “концептот со кој се обидува да се воспостави сфера на влијание со што се поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот”.
Ова легитимирање на “до вчера забранетиот термин”, е всушност чекор напред, за еден строго контролиран медиумски простор, диктиран, меѓу другото и во полза на овој концепт. Тоа што ставот, во најголема мерка, е амбивалентен, релативизаторски, површен, намерно комичен или молчалив; е само доказ за (со)учеството и пасивноста во имплеметирање на истиот.
Кога ќе се тргнат смешните изговори за “економскиот бенефит”, за формалните државни средби, со истовремено премолчување на “идентитетскиот упад” преку официјални религиозни институции и други попатни “превземање и монополизирање” на културното наследство; кој е всушност ставот на нашите “елити” по оваа “задача” во извештајот за нас самите во европскиот парламент?
Но, без “маглата” за “унгарски свет” или “руски свет”, кој кулминира со “македонски свет”, не приметувајќи дека бегањето од суштината не може да ја сокрие, туку може само целосно да ја разоткрие; кој е ставот и одговорот за “сферата на влијание кој го поткопува суверенитетот? Кој е ставот на НАТО земја како нас, за “стабилноста на регионот”?
“Српскиот свет”, кој во меѓувреме реторички е унапреден во “српски интегрализам”, студентски и либерално поткрепен; не е некој фин назив за српската култура и традиција, туку синтагма за српскиот хегемонизам. Официјално потврден од сите 27 членки на ЕУ.
Во која (и) Северна Македонија, нејзината територија, култура и културно наследство, идентитет и традиција е “објектот”, а не субјектот кој треба да има став; “таргетот и жртвата”, а не рамноправен соговорник; во светогледот на “српскиот свет” ние сме “потчинети и вазали”, а не самостојни и независни; па оттаму “одбраната на српскиот свет” е мазохистичка категорија, апсурд сам по себе. Одбрана на сопственото непостоење?
И затоа, во ваква јасна и формализирана констелација, регионална, европска и светска геопололотика – понатамошните упади и проблематизирања на Преспанскиот договор, кој е нераскинлив и е дел од Советот на безбедност на Обединетитет нации; Договорот со Бугарија, кој е составен дел (заедно со Преспансскиот договор) од преговарачката рамка и консензуланата позиција на 27 земји членки на ЕУ кон Северна Македонија; и Охридскиот договор кој е исто така уште еднаш влезен и во најновиот извештај на ЕУ, а е и стратешки клучен за “стратешкиот партнер” САД – преку оспорувања на делови од нив (пр. Протоколот) е проблематизирање на темелот на независна Северна Македонија, политички независна, но и “независна” од влијанието на концептот на “српскиот свет”. Со зборовите на ЕУ: “српскиот свет” е концепт со кој обидува да се воспостави сфера на влијание со што се поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот”.
Но, интересно е како во сите овие години, јавно и тајно, заговарање на блокирање и (само)блокирање на ЕУ интеграцијата; никој ниту еднаш не проговори за “последиците” од проблематизирањето и саботирањето на трите клучни договори за опстанокот на независна Северна Македонија – за секојдневниот живот на секој еден граѓанин (од организиран европски систем, добри економски можности, поволни урбанистички услови, стандарди за заштита на “идентитетот” и културното наследство, животна средина, комуникации и патувања); и обратно за “бенефитите” од авторитарните и хегемонистичките концепти, ама бенефитите за поданиците, а не за владетелите и вазалите. Затоа што секако во тој концепт, “господарот” е надвор.
За прв пат “наследените елити” се во позиција да се бранат себе си и опстанокот на конструираното минато. И таа борба ја проектираат на целото општество и цела држава. Ова е нивна борба, за нивните (наследени) позиции и нивното продолжено влијание. И се разбира дека им е “сеедно” за ЕУ, кога имаат “ЕУ позиции” во сиромашна држава; и се разбира дека им е “сеедно” за граѓаните, па тие секогаш биле привилегирани; и се разбира дека им е “сеедно” за “туѓи влијанија” кога ги чувствуваат како “свои”; но прашањето е дали им е “сеедно” и за државата, без која нема каде да бидат “елити”? Заробена држава или европска држава, која битка е поважна? Тоа е најважното прашање.

