23.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

„Победничко“ Скопје почестено со цивилизациски срам

Скопјани во огромно мнозинство дадоа глас за кандидатот за градоначалник од владејачката партија, но ни тоа не помогна да добијат елементарна услуга за хигиена на улиците.

Пишува Соња Крамарска

Колку и да се трудиме да најдеме логична причина за погромот што му се случува овој период на Скопје, не ни текнува на ништо друго освен дека молкот и игнорирањето на ситуацијата до вчера (21.10) значат дека не станува збор само за каприц на Комунална хигиена, туку за монструозна изборна стратегија. Нема друго објаснување. Дури и објавениот повик на Владата, кој дојде задоцнето и под притисок на јавноста, повторно содржи пецка кон градоначалничката во заминување, дека градската власт е сторителот, а Владата спасителот.

Патем, со такво однесување и нефункционирање на државата, треба да се прашаме кого ќе убедуваме дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Какво лобирање може да очекуваме од други држави чии амбасадори го гледаат срамот на Скопје, на властите и на државата. И што им минува низ главите кога поминуваат покрај купиштата ѓубре среде градот, неподносливата реа, и кучињата и мачките кои душкаат низ сметот и им ‘ржат на минувачите. Дали е тоа европско Скопје или ад хок комуна на скитници и хипици кои решиле да се отсечат од цивилизацијата?

Така ли се чува националното достоинство господа градоначалници, пратеници, министри и премиер? Така ли пред Европа ќе ја аргументираме нашата подготвеност да станеме Европејци?

Дежурните апологети на социјалните мрежи го бранат премиерот дека тој не е виновен за загаденото Скопје. Велат дека тој не е должен да се занимава со чистотата на Скопје. Се разбира дека не е, но тој само со еден телефонски повик до директорот на Комунална хигиена може, а и должност му е, да побара претпријатието веднаш да го исчисти градот. Моќта на политичката функција што премиерот ја извршува е огромна, а со тоа оди и одговорноста за секоја педа од државата. Затоа што тоа што се случува во Скопје веќе не е проблем само на Скопје, туку е национален срам. И доказ дека партиските канџи немаат милост кога станува збор за освојување на функција.

Театар на апсурдот

Каков театар на апсурдот. Во неделата (19.10) скопјани во огромно мнозинство дадоа глас за градоначалник да биде кандидатот на владејачката партија, но ни тоа не помогна да добијат елементарна услуга за хигиена на улиците.

Приказните дека Комунална хигиена не зела плата три месеци не се за верување. Молкот на ова претпријатие зборува погласно од што било друго. Никаде не излезе вест дека стапиле во штрајк. Дури и да стапат, има закон како може да се одвива штрајк во дејности од посебен интерес за граѓаните. Еве, и контролата на летање најави дека ќе прави штрајк, но доби судска забрана дека тоа не смее да го направи. Затоа што е дел од важен безбедносен синџир кој гарантира безбедно полетување, прелетување и слетување на авионите. Така е и со претпријатието задолжено да го одржува главниот град чист, а сметот транспортиран на соодветно место.

Замислете да одите на лекар со симптоми за срцев удар и дежурниот лекар не ве прима оти му доцни платата. Или затоа што паднал компјутерскиот систем и не може да ве евидентира. Па умрете си вие, а по две недели откако ќе добие плата ќе ве прегледа и ќе ви даде лекови. Токму така Скопје умира, а за интервенцијата за негов спас молиме на социјалните мрежи. Оти властите не гледаат дека градот стана едно големо буниште.

Во меѓувреме, тоа што Владата под силен јавен притисок одлучи да презеде мерки за чистење на градот, ни малку не го менува чувството дека Скопје е жртва на смислена партиска операција за оцрнување на еден градоначалник и рекламирање на неговиот наследник. Добро знаеме што е популизам и преминување во акција само за да стивнат прозивките. Владата повеќе од еден месец гледа како се загадува Скопје, но молчеше. Дури и сега, откако јавно излезе со соопштение, пораката во него е демагошка. Повикува на инспекција во претпријатието Комунална хигиена, истото претпријатие кое одамна не е јавно, туку е партиско. Погодете од трипати чие е и кој го има управувачкиот политички пакет.

Обвинителството како од друга планета

И јавното обвинителство се однесува како дојдено од друга планета. Вели дека презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело. А доказите ги има насекаде околу нас и околу обвинителите. Не мора да ги бараат. Нека си погледне секој низ прозор и ќе ги види. Или нека се логираат на социјалните мрежи, кои се преплавени со фотографии од расфрлан смет и сведоци кои фотографираат и објавуваат за ова злосторство против човештвото. Не им треба посебна форензика за да го докажат кривичното дело кое е очигледно. Доколку тоа навистина го сакаат и доколку не постапуваат само колку да ги исперат оние што се најдоа на удар на критиките од јавноста.

Очигледно е дека цивилизацискиот срам што се случува во Скопје, не е дело на поединци, туку на организирана структура која ги блокира дури и механизмите за отворање на контејнерите за да не можат граѓаните кои не се дел од шемата да го одложат својот комунален отпад внатре. Обвинителите можат да ги испратат на терен своите истражители и да се уверат дека некои контејнери стојат празни и отворени, а отпадот е расфрлан надвор. Како градот да доживеал апокалипса, а не славје пред два дена за „историска победа“ зачинета со песни и огномети.

Е па „победничко“ Скопје, како што некои милуваат да го наречат, не го заслужи тоа. /DW

Related posts

Ало, Телеком! Очајно ни треба Европа!

admin

Трамп сака ЕУ да ја нема

admin

ТРИ МОЖНИ СЦЕНАРИЈА ОД СУДИРОТ ВО ДУИ

admin

Во власта по секоја цена – за џабе

admin

АНАЛИЗА НА БИРС: Меѓу европската стандардизација и дилемата за универзитетската автономија

admin

Политичарите главни медиумски фаци

admin