„Транспаренси Интернешнл – Македонија“ го објави редовниот месечен барометар на корупција „Бистро-Матно“ за јули 2025 година, со кој се документираат серија случаи што укажуваат на проблеми со корупцијата, но и конкретни правосудни акции во земјата. Организацијата наведува дека извештајот „прерасна во релевантен показател за корупцијата и за волјата на државата да се справува со овој предизвик“.
Во делот на „матните“ настани, барометарот ги посочува обвиненијата против претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која минатата недела поднесе оставка. Таа е обвинета за оддавање службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“, како и за фалсификување на процесот за добивање безбедносен сертификат.
„При проверката на службениот телефон на Димитровска во рамките на истрагата, беше откриено дека таа и уште еден државен службеник – ревизор – направиле фалсификат и упад во системот за класифицирани информации. Димитровска ‘најмила’ колега-ревизор кој со нејзини шифри ги следел предавањата и полагал тестови за да добие сертификат ‘државна тајна’“, стои во извештајот.
Извештајот ја цитира и Европската комисија, која во Годишниот извештај за владеење на правото за 2025 година наведува дека „Северна Македонија продолжи со спроведување на судските реформи, но мешањето и притисокот од други државни институции предизвикуваат сериозни загрижености за независноста на судството“.
Како пример се наведуваат најавите за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Барометарот ги нотира и случаите на истрага против криминална мрежа составена од 36 лица, вклучувајќи лекари и адвокати, осомничени за злоупотреби при доделување права за туѓа нега и инвалидска пензија, за што наплаќале од 150 до 5.000 евра.
Ревизорите од Државниот завод за ревизија (ДЗР) укажуваат на сериозни пропусти во јавниот сектор. За Фондот за здравствено осигурување е забележано отсуство на интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање, што создава ризик од неправилна употреба на јавни пари.
За Државното правобранителство се констатирани „недостаток на транспарентност и неправилности во јавните набавки, како и проблеми со ангажирање лица по договор на дело“.
Во Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, ревизорите не можат да ја потврдат билансната состојба, поради неуспешен попис и губење на документација од поплава или истражни постапки.
Ревизијата на Министерството за здравство покажа дека 23 здравствени програми се реализирани со недоволни средства, додека Основниот суд Прилеп нема воспоставено сметководствена евиденција и има непотполни податоци во апликацијата АКМИС за одземените парични средства.
Посебно внимание во извештајот е посветено и на случајот во кој ДКСК констатирала прекршок кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство, чија сопруга била косопственик во правно лице што имало деловна соработка со Институтот.
Во делот на „бистрите“ настани, барометарот бележи неколку правосудни акции, вклучувајќи апсење на очна лекарка во Битола за примање поткуп, како и обвинение против директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ во Скопје, кој се товари дека побарал 20.000 евра за прием на лице во тешка здравствена состојба, иако тоа било негова службена обврска.
Поднесено е и обвинение против поранешен претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата за злоупотреба на службената положба.
Меѓу позитивните чекори, е наведена и новата веб-алатка на Министерството за здравство, преку која граѓаните ќе можат анонимно да пријавуваат неправилности во здравствениот систем, при што пријавите ќе бидат јавно објавувани на месечно ниво.

