Сето ова укажува дека политичката ера на Александар Вучиќ е во залез. Веќе неколку месеци не успева во извештаите од испитувањата на јавното мислење да најде знаци за рехабилитација на својата партија и личен рејтинг.
Пишува: Иван Виденовиќ *
Во Србија летово е доста жешко, и тоа не само поради високите температури, туку и покрај нив. Студентските и граѓанските протести на различни локални нивоа продолжуваат секојдневно. Во фокусот сега е т.н. „петто барање“ на студентското движење – распишување вонредни парламентарни избори.
Вучиќ и неговата група, која ја узурпира власта од 2012 година, сега за првпат стравува од избори. Досега, речиси секоја криза ја решаваа со нови избори – дури и на една или две години, и секогаш пред истекот на мандатот на актуелниот парламентарен состав. Сега тврдат дека избори во овој момент би ја дестабилизирале државата. Вучиќ, како страстен корисник на истражувања на јавно мислење, очигледно има податоци кои укажуваат дека политичкото расположение на избирачите е драматично сменето, и дека повеќе, дури и со изборен фалсификат, не може да смета на стабилно мнозинство во парламентот.
Затоа нивниот одговор на протестите е постепено зголемување на репресијата, со надеж дека „жабата“ нема да забележи дека водата се загрева, и дека на крајот ќе се оствари радикалнкиот сон – рускиот или белорускиот модел на целосна политичка репресија кон неистомислениците. Тој знае дека наглата примена на таква репресија би предизвикала бунт кај граѓаните на Србија, кои не се слични на Русите или Белорусите и не прифаќаат државен терор. Затоа применува тактика на бројни краткорочни апсења и задржувања во притвор, со цел да се нормализира таквата состојба и да се ослаби острицата на бунтот.
Од друга страна, неговата лична потреба за целосна доминација, понижување на луѓето и уништување на политичките противници, го тера постојано да прогласува некаква победа над „обоената револуција“ во Србија – со што всушност станува главен мотиватор за нови протести. Тој е тој што сега најмногу „пумпа“. Тој е во отворена војна со сопствените граѓани и е претседател само на своите лојалисти и тајкуните од неговиот режим.
Последните инсценирани инциденти – навредите упатени кон Државниот универзитет во Нови Пазар и лажирањето на меѓунационален судир меѓу Бошњаци и Срби во тој град – се најновиот и најнедостоен потег на кој Вучиќ посегнува. Откако ги користеше тие методи во Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, сега запалува националистички пожар во внатрешноста на Србија. Нови Пазар е град на посебна катарза за студентскиот протест – таму оваа пролет беше надмината со години градената национална недоверба. Новопазарските студенти, заедно со своите колеги од други српски градови, со заемна почит и разбирање, создадоа заеднички фронт против самовластието и корупцијата на Вучиќевиот режим. Сега тој се обидува со злобен потег да ги оживее духовите на национализмот и повторно да ги стави помеѓу Бошњаците и Србите. Се надевам дека студентите го прозреле и ќе го одбијат и исмеат неговиот патетичен радикалски маневар.
Сето ова укажува дека политичката ера на Александар Вучиќ е во залез. Веќе неколку месеци не успева во извештаите од испитувањата на јавното мислење да најде знаци за рехабилитација на својата партија и личен рејтинг. Тоа особено се гледа на локално ниво, во помалите места каде што неговите луѓе се изложени на гневот на незадоволните граѓани. Неговите градежни проекти, со кои се гордее, се забавени, бидејќи по несреќата во Нови Сад, градежната фела е дополнително претпазлива во однос на неговата манијакална желба да биде запишан во историјата како најголемиот градител на Србија. Сведоци сме дека, за да ги продолжи тие проекти, сега лично инсистира и презема одговорност некои објекти да се пуштат во употреба. Сето тоа создава дополнително опасна и затегната ситуација во земјата, чиј најголем генератор е токму тој.
Како ќе се развива политичката сцена во Србија во моментов не е сосема јасно. Студентите најавија своја листа за вонредни парламентарни избори, и сега е во тек неформален натпревар за местата на таа листа. Според имињата што се спомнуваат во јавноста, изгледа дека Русија е многу заинтересирана и успешна во промоција на кандидати за таа листа, што и не е многу тешко, со оглед на тоа што во Србија има целосно отворено разузнавачко и пропагандно поле. Согласно тоа, и програмата на таа листа, според последните случувања, сѐ повеќе добива профил на национално ригиден, одбоен кон ЕУ и опфатен со хистерија против рударството – во земја која, според површината, веројатно е најбогата со минерали во Европа. Постои и најава од постоечката парламентарна опозиција дека нема безусловно да прифати обединување со таква профилирана студентска листа.
Од сето ова произлегува дека излезот на Србија од долготрајниот ќорсокак не се гледа на повидок. Од една страна стои заситеноста на граѓаните од кронизмот и корупцијата на Вучиќевиот режим и неговата лична власт, а од друга – студентското движење кое стекна легитимитет и поддршка од граѓаните, но останува отворено за малигни надворешни влијанија, како и за екстремната десница и левица. Согласено со тоа, се чини дека клучните прашања за определбата на Србија – дали кон Европа или Азија, односите со соседите, српскиот свет или српскиот „интегрализам“, односите со Косово – ќе останат и понатаму отворени.
*Иван Виденовиќ е српски професор по физика, поранешен државен секретар и меѓународен експерт, познат по своите остри ставови за општествено-политички теми. Текстот е напишан специјално за Инбокс7

