Интервјуираше: Енис Шаќири
Владимир Ѓорѓевски е директор на локалната подружница на RYCO во Скопје. Во ова интервју за Институтот BIRC, тој зборува за улогата на младите во процесот на европска интеграција, предизвиците со кои се соочуваат и начините како може да се зајакне регионалната соработка.
Дали младите имаат доволно информации за процесот на европска интеграција?
Владимир Ѓорѓевски: Мислам дека не. Сè помалку се заинтересирани за овој процес и многумина сметаат дека е недостижен во брзо време. Односно, не веруваат дека нашата интеграција во ЕУ ќе се случи додека тие сè уште се млади.
Кои се главните пречки што ги спречуваат младите да се вклучат во процесите на европеизација и демократизација?
Владимир Ѓорѓевски: Мотивираноста и отвореноста на институциите се клучни. Треба да се креираат инклузивни процеси во кои младите не само што ќе бидат присутни на масата, туку и сериозно консултирани. Нивните препораки треба да се земаат предвид и тие да бидат вклучени во имплементацијата на одржливи решенија.
Како може да се подобри регионалната соработка меѓу младите во контекст на европската интеграција?
Владимир Ѓорѓевски: Со заедничко креирање на европски решенија кои го подобруваат квалитетот на животот и животниот стандард: со тргање или намалување на бариерите на границите, меѓусебно признавање на дипломите, создавање еднакви можности за работа и живеење, лесен проток на стоки, повеќе можности за регионална и интеркултурна соработка, како и можности за создавање регионални претпријатија и бизниси. Со вистинска европеизација пред да станеме членки на ЕУ.
Дали тековните програми на ЕУ за млади (како Erasmus+) се доволни за промовирање на европеизацијата на Балканот?
Владимир Ѓорѓевски: Не. Потребни се повеќе локални и регионални програми, бидејќи Балканот има свои специфики и предизвици. Младите треба да имаат можност да учат, да дискутираат и да создаваат долгорочни решенија токму во овој контекст. Во спротивно, евроскептицизмот и иселувањето на младите ќе продолжат да растат.
Како ефикасно да се спротивставиме на дезинформациите и антиевропската пропаганда што влијае врз младите?
Владимир Ѓорѓевски: Пред сè, со создавање кредибилни извори на информирање и поддршка на професионални медиуми кои немаат скриени интереси. Потребна е и поголема поддршка за млади новинари, создавање простор за граѓаните анонимно да коментираат и известуваат, како и модерни форми на комуникација – социјални мрежи, креативни слики, видеа, интервјуа, подкасти и инфлуенсери што промовираат позитивни вредности.
Дали мислите дека постои евроскептицизам кај младите и што го поттикнува тоа?
Владимир Ѓорѓевски: Да, и тој сè повеќе се зголемува. Причините се повеќе: блокадата од Бугарија веднаш по Преспанскиот договор, недоволната координација на лидерството во ЕУ околу агресијата врз Украина, како и спориот процес на реформи дома и слабата видливост на поддршката од ЕУ. Сите овие фактори ја хранат недовербата кај младите.
Овој интервју е подготвен во рамките на проектот „Вклучување на младите за европеизација на Балканот“, спроведен од BIRC Institute од Северна Македонија, НВО GLAS од Црна Гора и CFID од Косово, со поддршка од Фондот за Западен Балкан и кофинансирање од Европската Унија.
Интервјуто е подготвено со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е исклучива одговорност на авторите и на никаков начин не ги отсликува ставовите на Европската Унија.

