18.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

Грковска во Вашингтон: Се надевам дека црната листа на САД уште повеќе ќе се надополнува

Глас на Америка: Вицепремиерке, дојдени сте во Вашингтон, пред се, за да присуствувате на Молитвениот појадок. Но, за време на вашата посета имате серија средби со виши претставници на американската администрација. Што слушнавте, имајќи во предвид дека сте задолжени за доброто владеење – портфолио, кое, меѓу другото, го опфаќа и справувањето со корупцијата?

Грковска: Многу ја цениме поддршката на САД, која со децении ни ја даваат на нашата држава за достигнување на стратешки интереси на Северна Македонија. Во таа смисла и во рамките на стратешкото партнерство со САД, е ѝ помошта и поддршката во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Неподелени се изјавите од различни авторитети изминатиот период дека тоа е еден од приоритетите.

Глас на Америка: Имавте разговори и во Одделот за правда на САД. Дали можеби веќе разговаравте за потенцијално проширување на т.н. американската црна листа? Во рок од една година таа беше дополнета со неколку звучни имиња од бизнисот и политиката – Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Рамиз Мерко….

Грковска: Се надевам дека листата уште повеќе ќе се надополнува. Секогаш, велам, дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери, за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа. Меѓутоа, сепак, тоа претставува наша домашна работа, на домашните институции, на нашето правосудство, да ги покренат овие случаи, и да посведочиме дека има завршница и дека навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот. Нас ни требаат храбри луѓе, за справување со овие процеси. Заради недостатокот на ефикасноста и резултати во правосудниот систем, има генерално мислење во јавноста дека се уште не можеме да бидеме сосема задоволни од резултатите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тоа е главно на адреса на правосудниот систем. Сакам да им упатам порака на сите оние кандидати на Академијата за судии и обвинители коишто се гледаат во оваа професија, дека сега е време да се преиспитаат дали се доволно храбри, и дали се подготвени да издржат на сите притисоци и сите предизвици, кои што таа позиција ќе им ја донесе, за да можат чесно, со интегритет и професионално, да ја вршат својата работата, да ги процесираат случаите и да пресудуваат според законот, без разлика за кого станува збор, затоа што треба да станат свесни дека прашањето за борбата против корупцијата стана безбедносно прашање, кое што ги поткопува темелите на државата, на институциите, ја поткопува довербата на граѓаните во институциите, и оти во нивни раце е иднината на државата. Дали ќе имаме прогрес, или ќе уназадуваме.

Глас на Америка: Каква е последицата на бавната правда во Македонија? Дали чувствувате лична одговорност со оглед дека сте на вицепремиерската функција?

Грковска: Кога станува збор за одговорноста која јас ја имам во доменот на моите ингеренции, сме направиле се што е во наша моќ, за да создадеме услови со кои ќе ги намалиме можностите за корупција. Почнувајќи од имплементирање на етичкиот кодекс за функционери, за кои сме дале повеќе опомени пред очите на јавноста без да водиме сметка за кого станува збор, и тоа само врз основа на аргументи. Објавувањето и инсистирањето на интегритет, на транспарентност на институциите, дојде токму од нас. Поттикнуваме про-активна транспарентност. Ја раководевме новата стратегија за транспарентност што Владата на усвои. Помина во владина постапка законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Јас покренав постапката за измени во законот за рестриктивни мерки, со кој ќе се прошири опфатот на рестриктивни мерки за борба против корупцијата и организираниот криминал, тероризам и хибридни закани. Тоа беше предлог и од работната група да се додадат и хибридните закони, на што ќе ги додадеме покрај ЕУ и ОН и црната листа на САД и Обединетото кралство, кое потпаѓаше под земјите на ЕУ. Сега е дефинирано како да се процесираат случаите, во согласност со постоечкото македонско законодавство. Предложивме мерки коишто директно ќе се однесуваат на лицата коишто се наоѓаат на листата на санкции што треба да се зголеми довербата во институциите. Или, на пример, се додека не заврши судската постапка за овие лица, не може да се кандидираат на избори. Тој систем треба да овозможи дека нема недопирливи и секој ќе има последици од евентуалните незаконски постапувања. Меѓутоа, и кога станува збор за фирми, да нема можност да имаат било какви доверителски-должнички односи со државата. Да не може да аплицираат на јавни набавки, било какви договори од јавен вид, лиценци…

Глас на Америка: Меѓутоа, што може да се направи за да се подобри ситуацијата? Избори се на прагот, а ефектите од справувањето со корупцијата се минијатурни, дури и Транспаренси Интернешенал го посочи тоа, а градењето независно судство е далеку од задоволувачки. Дали оваа постава на власт ги изневери очекувањата на граѓаните од 2016-та?

Грковска: Ние не можеме да бидеме одговорни за постапките на правосудниот систем. Ние како Влада, можеме со предлагање на вакви политики да ја намалиме можноста за корупција, и затоа сметам дека направивме голема грешка со измените во кривичниот законик. Јас ја изразив својата резервираност и на седницата на Владата, меѓутоа мнозинството сметаше дека тоа е потребно да се направи. Нашиот предлог беше додавање на проширената конфискација, што е дополнителен модел за обезбедување предуслови да се покаже дека корупцијата и криминалот не се исплатливи. Дека тоа што е на криминален начин стекнато, во судска постапка, ќе се одземе и ќе се врати повторно на граѓаните. Кога станува збор за независноста на право-судниот систем, ние, законски сме ги овозможиле сите можности уште пред 20-тина години. Кога направивме реформа, судиите да не бидат врзани со мандат на неколку години, и им се зголеми платата десеткратно повеќе од тогашната минимална плата. Имајќи предвид дека добрата плата и независноста на позицијата ќе бидат доволни предуслови да се охрабрат судиите и обвинителите да си ја вршат работата како што треба. Никој не може да ви ја даде независноста. Ние може во законска процедура да ги обезбедиме условите за независност, меѓутоа, колку и на каков начин, судиите и обвинителите ќе ја практикуваат својата независност, зависи најмногу од нив.

Глас на Америка: Непосредно пред да дојдете во Вашингтон, вашата партија – владејачкиот СДСМ, го повлече предлогот за Љубомир Јовески, доскорешниот Државен јавен обвинител да биде избран за судија во Уставниот суд. Вие пред повеќе од една година изјавивте, да ве цитирам, „Не сметам дека треба да биде уставен судија, затоа што, она што требаше да го направи како Републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата, како уставен судија“. Дали сметате дека ова е ваша морална победа?

Грковска: Да.

Related posts

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени

admin

Интервју, Xристијан Мицковски: алијанса за албанците згреши што ги замрзна односите со најголемата политичка партија во државата

ninja

Кржаловски: Мора да се елиминира неказнивоста

admin

Рустеми: Изградбата на автопатот Кичево – Охрид е лош проект, но враќање назад нема

admin

Зибери: Одбив да бидам технички премиер

admin

Бочварски: Недозволиво е по 10 години градење на автопатот Кичево – Охрид да има свлечишта

admin