31.9 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Дали Скопје навистина сака во ЕУ?

Проблемот со Бугарија повеќе не е изговор, бидејќи вакви проблеми имале и Хрватска со Словенија, и Црна Гора со Хрватска, и Албанија со Грција… Прашањето е дали ќе ги користиш овие проблеми како оправдување за да не се движиш кон членство во ЕУ, или ќе пристапиш со сериозност за да ги решиш. За второто е потребна непоколеблива ориентација и голема волја од сите политички сили – македонски и албански, десни и леви, центристички и либерални.

Пишува: Џелал Незири

Дури и без блокадата од Бугарија, Северна Македонија не би го отворила ниту првиот кластер „Темели“ (Fundamentals), кој се отвора прв и се затвора последен. Тоа значи, дури и ако беа усвоени уставните измени и Бугарите како етничка заедница беа вклучени во преамбулата – што е главен специфичен предуслов за отворање на преговорите според Францускиот предлог (2022) – земјата сепак не би започнала со отворање на кластерите. Причината? За отворање на секој кластер се бара исполнување на неколку основни предуслови.

НЕМА РЕФОРМИ НИТУ ЗА ЕДЕН КЛАСТЕР

За отворање на првиот кластер, земјата требаше да ги усвои и спроведе двата водичи (roadmaps) и Акцискиот план за заштита на малцинствата. Овие специфични документи имаат за цел насочување на клучните реформи поврзани со вредностите и основните обврски на ЕУ, бидејќи кластерот „Темели“ опфаќа сфери на судството, фундаменталните права, правдата, слободата и безбедноста, како и кластерите за јавни набавки, финансиска контрола и статистика. Првиот водич се однесува на јакнење на независноста и интегритетот на судството и зголемување на борбата против корупцијата. Вториот водич се однесува на реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции. Акцискиот план за заштита на малцинствата утврдува конкретни мерки за заштита и промоција на правата на малцинствата во Северна Македонија. Северна Македонија ги подготви и усвои овие документи побарани од Европската унија (ЕУ), но проблемот лежи во хроничен дефект на политичкиот систем – недостасува целосно спроведување и конкретни резултати од нивната примена.

Последниот извештај за напредокот на Европската комисија (ЕК), објавен на почетокот на ноември, ја откри големата вистина дека проблемот со Бугарија се користи само како оправдување за неспроведување на реформите. Навистина, Францускиот предлог, кој веќе е дел од рамката за преговори со ЕУ, е специфичен предуслов за напредокот на преговорите, но не е пречка за реформите кои се бараат во секој извештај за напредок.

СКОПЈЕ ИЛИ ТИРАНА – КОЈ ПОБЛИСКУ ДО ЕУ?

Колку назад е Северна Македонија од Албанија, не треба да се гледа само по фактот дека Албанија ги отвори сите кластери, исполнувајќи ги сите предуслови за нивното отворање. Погледнете ги и фондовите кои Албанија ги повлече од новиот инструмент на ЕУ, наречен План за раст и реформи. Владата во Тирана доби околу 100 милиони евра, додека таа во Скопје – околу 25 милиони евра. Овој план, промовиран во мај минатата година, има за цел да „награди“ со финансиски средства земји кои ги спроведуваат реформите. Иако делува како пристап на воспитувачи во училиште, каде што учениците се наградуваат за секоја извршена задача, сепак е многу ефикасен ако се земе предвид политичката незрелост која преовладува во регионот на Западен Балкан. Затоа, изјавите на владини претставници или експерти од цивилното општество кои се против Францускиот предлог, дека Северна Македонија е пред Албанија, се неосновани и не ја одразуваат реалноста. Ако за една година Албанија ги исполни предусловите за отворање на сите шест кластери, Северна Македонија не исполни ниту еден. Ако Албанија ги реализира реформите и доби максимум 100 милиони евра за една година, Северна Македонија постигна само четвртина од тоа.

Задоцнувањата на реформите поради неефикасноста на Парламентот, недостигот на напредок во спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за изборите, недостиг на реформи за јакнење на локалната власт, недостиг на напредок во судските реформи… се само дел од критиките во последниот извештај. Понатаму, загрозувањето на независноста на судството поради политичка интервенција и притисок од Парламентот, недостиг на човечки ресурси во судовите и обвинителствата, проширена корупција (извештајот ја истакнува трагедијата во Кочани како случај кој го откри длабоко вкоренетиот коруптивен систем) ја покажуваат мрачната реалност во држава која стреми да биде дел од европското семејство, каде правдата е света. Во функционирањето на државата се нагласува дека реформите во администрацијата заостануваат зад зададените рокови, само една третина од реформите имаат обезбеден буџет и недостасува транспарентност во работата на владата. И економијата не е поштедена од критики, додека се истакнува дека насилството и заканите кон новинарите продолжуваат. Според ЕУ, нема напредок во спроведувањето на реформите во екологијата, нема истраги за еколошки криминал. Практично се аламира дека сите сфери се деградирани и е потребна итна интервенција.

Поради овие дефекти, Скопје реагираше со бес – речиси станува збор за реформи кои би го подобрил животот на граѓаните на Европа. Додека премиерот на Албанија, Еди Рама, прославуваше во Брисел со мала торта за отворањето на последниот кластер, во Скопје започна дебата кој е пред процесот, речиси како да станува збор за Tour de France. Една безсмислена дебата која одразува или проектира колективна делузија во која земјата одамна е влезена.

РЕФОРМИТЕ СЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ, НЕ ЗА БРИСЕЛ

Од перспективата на граѓаните на ЕУ, пак, добро е што не се трошат нивните даноци за да се поттикнуваат реформи во држави со незрели политички елити. Добро е што Северна Македонија искористи само 25 милиони евра од Планот за раст и реформи, а уште повеќе изгуби околу 160 милиони евра само минатата година поради неспремност да аплицира со квалитетни проекти, изгубени се милијарди евра поради задоцнувања на отворањето на кластерите. Но, од перспективата на граѓанинот на Северна Македонија, ова е повеќе од загрижувачко (или би требало да биде). Се работи не само за изгубените фондови, толку потребни за спроведување на реформите, туку и за толку потребната реформа на корумпираниот и неефикасен систем, кој во последните десет години доведе до иселување на над 300.000 луѓе. За една декада, на мапата на земјата се избришани три градови колку Прилеп или Тетово.

Оваа Влада мора да биде искрена и да излезе пред граѓаните и да каже јасно дали е или не е за интеграција во ЕУ. Потоа да ги наведе причините зошто, но и плановите за понатаму. Проблемот со Бугарија повеќе не е оправдување, бидејќи овие проблеми ги имале и Хрватска со Словенија, и Црна Гора со Хрватска, и Албанија со Грција… Прашањето е дали ќе ги користиш овие проблеми како изговор за да не се движиш кон членство во ЕУ, или ќе пристапиш со сериозност за да ги решиш. За второто е потребна непоколеблива ориентација и голема волја од сите политички сили – македонски и албански, десни и леви, центристички и либерални.

Related posts

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

admin

Политичарите главни медиумски фаци

admin

За „српскиот свет“ во Северна Македонија

admin

НЕЕДНАКВОСТА

admin

Од што се плаши Европа?

admin

Трамп: „Јас сум вашата одмазда“

admin