28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Светот во најопасна точка од Студената војна наваму

Растечката реторика меѓу Москва и Вашингтон за можноста за обновување на нуклеарните тестови ги подгрева стравувањата од нова трка во вооружување, но аналитичарите предупредуваат дека потезите на Кремљ најверојатно имаат политичка, а не воена цел.

Оваа недела, рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов оофицијално му предложи на претседателот Владимир Путин да се започнат подготовки за целосно тестирање на нуклеарно оружје на архипелагот Нова Земја. Путин одговори со налог до Министерството „да ја испита оправданоста“ за такви тестови.

Политичка порака, не воена закана

Русија нема спроведено нуклеарен тест од распадот на Советскиот Сојуз во 1990 година. Според новинарката Фарида Рустамова, најновите изјави треба да се толкуваат како предупредување до американскиот претседател Доналд Трамп „да внимава на реториката“, а не како реална подготовка за тестирање.

„Ова е сигнал, не подготовка за експлозија,“ вели аналитичарот Максим Старчак, експерт за руската нуклеарна политика. Тој потсетува дека Путин уште во 2023 година им нареди на Министерството за одбрана и државната корпорација Росатом да бидат „подготвени“ за тестови, но никогаш не издал наредба за нивно извршување.

„Ескалирај за да деескалираш“

Други експерти, како Павел Лузин, сметаат дека ваквата реторика е дел од стратегијата „ескалирај за да деескалираш“, со која Русија сака да покаже подготвеност за употреба на нуклеарно оружје со цел да ја принуди другата страна на преговори. „Тестовите се оддалечена можност, но психолошкиот притисок врз Западот е реален и намерен,“ додава тој.

Нова Земја – стар полигон

Русија има само еден активен нуклеарен тест-полигон — Нова Земја во Арктичкиот Океан. Иако последниот тест таму бил пред 35 години, локацијата е одржувана во готовност. Според Старчак, Русија би можела технички да спроведе тест, но тоа би значело напуштање на рамките на договорот New START, кој ја ограничува количината на стратешко нуклеарно оружје и истекува во февруари 2026 година.

„Американската Републиканска партија има клучна улога,“ вели Старчак. „Ако тие ја зголемат американската нуклеарна залиха, Москва ќе почувствува потреба да одговори со истата мерка.“

Вашингтон тестира – но без боеви глави

Во исто време, САД во средата тестираа интерконтинентална балистичка ракета Minuteman III без нуклеарен товар. Ракетата успешно прелета околу 6.600 километри од Калифорнија до Маршалските Острови. Потегот уследи по изјавите на Трамп дека наредил „итно обновување на американските нуклеарни тестови“ како одговор на наводните руски испитувања на оружја со нуклеарен потенцијал.

Американските власти, сепак, појаснија дека нема планови за вистински нуклеарни експлозии и дека тестот бил дел од рутинската проверка на системите за лансирање.

Според Тилман Раф од Универзитетот во Мелбурн, повторното оживување на нуклеарната реторика меѓу Москва и Вашингтон е потсетник на глобалната нестабилност. „Часовникот на судниот ден никогаш не бил поблиску до полноќ,“ предупредува тој.

Иако шансите за вистински нуклеарен тест остануваат мали, експертите велат дека самата закана создава нова реалност на страв и несигурност – и ја турка меѓународната безбедност чекор поблиску до ера на нова трка во вооружување.

 

 

Related posts

Партиите лицитираат со плати, работниците сакаат достоинство

admin

Во својот џеб инкасирал хонорар од 354.000 евра, колку што чини еден стандарден македонски филм

admin

ВЛЕН бара поголема автономија и финансиска независност за општините

admin

Националистичка иконографија во трка по гласови

admin

Алиу интервенирал за бездомник со тешка инфекција, пациентот пренесен на Ургентен центар

admin

Трамп ја продолжи традицијата: Новиот американски генерал во Европа ќе ја води и командата на НАТО

admin