26.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски бара кривична одговорност за СДСМ поради „ширење паника“ за мигрантите

Премиерот Христијан Мицкоски во четврток ја заостри реториката кон опозициската СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека „свесно“ шири страв и паника со пренесување на британски медиумски написи за можен прием на мигранти во Северна Македонија, и покрај официјалните деманти од Владата.

Мицкоски, кој говореше во струмичкото Колешино, рече дека СДСМ ја преминала „линијата“ со тоа што продолжила да ги цитира текстовите на британските весници и по демантите од надлежните институции.

„Кога претседателот на Владата и соодветните министерства ќе испратат официјален демант, од тој момент свесно ширите паника и страв. За тоа во Кривичниот законик постојат санкции“, изјави премиерот.

Тој ги повика надлежните органи да поведат постапки против лица кои, како што рече, ги пренесуваат текстовите на странските медиуми поврзани со обвинувањата дека Македонија би примила мигранти како дел од договор со Обединетото Кралство.

Мицкоски повтори дека „трајно ќе се повлече од политиката“ доколку СДСМ покаже дека во државата дошол „барем еден мигрант“ во рамки на некаква меѓудржавна спогодба.

Премиерот најави дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ следната недела ќе предложат документи во општинските совети со кои ќе се потврди ставот дека на нивните територии нема да се дозволи отворање мигрантски капови.

„Ова е антиемигрантска политика, политика против нелегалната миграција“, рече тој.

Мицкоски додаде и дека СДСМ била „насанкана“ во користење на темата за мигрантите во политички цели.

Опозициската СДСМ, која поднесе резолуција во Собранието со која се бара забрана за прием на мигранти, претходно го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека подготвува план за нивно прифаќање и земање кредит од 6 милијарди евра за нивно сместување – обвинувања што владејачката партија ги негира.

Related posts

Рејтинзи, дијаспора и 4 милиони евра: Зошто Изборниот законик стана најжешкото политичко бојно поле?

admin

Тројца загинати во наводно убиство и самоубиство во Прилеп

admin

ВМРО-ДПМНЕ го обвини Филипче за „лажни ветувања“ кон младите

admin

Русија го тестираше нуклеарниот проектил „Буревестник“ со неограничен дострел

admin

Шолц и Макрон ќе одржат тајна вечера во Париз пред посетата на Кси

admin

Мицкоски ги соопшти имињата на министрите

admin