Премиерот Христијан Мицкоски во четврток ја заостри реториката кон опозициската СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека „свесно“ шири страв и паника со пренесување на британски медиумски написи за можен прием на мигранти во Северна Македонија, и покрај официјалните деманти од Владата.
Мицкоски, кој говореше во струмичкото Колешино, рече дека СДСМ ја преминала „линијата“ со тоа што продолжила да ги цитира текстовите на британските весници и по демантите од надлежните институции.
„Кога претседателот на Владата и соодветните министерства ќе испратат официјален демант, од тој момент свесно ширите паника и страв. За тоа во Кривичниот законик постојат санкции“, изјави премиерот.
Тој ги повика надлежните органи да поведат постапки против лица кои, како што рече, ги пренесуваат текстовите на странските медиуми поврзани со обвинувањата дека Македонија би примила мигранти како дел од договор со Обединетото Кралство.
Мицкоски повтори дека „трајно ќе се повлече од политиката“ доколку СДСМ покаже дека во државата дошол „барем еден мигрант“ во рамки на некаква меѓудржавна спогодба.
Премиерот најави дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ следната недела ќе предложат документи во општинските совети со кои ќе се потврди ставот дека на нивните територии нема да се дозволи отворање мигрантски капови.
„Ова е антиемигрантска политика, политика против нелегалната миграција“, рече тој.
Мицкоски додаде и дека СДСМ била „насанкана“ во користење на темата за мигрантите во политички цели.
Опозициската СДСМ, која поднесе резолуција во Собранието со која се бара забрана за прием на мигранти, претходно го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека подготвува план за нивно прифаќање и земање кредит од 6 милијарди евра за нивно сместување – обвинувања што владејачката партија ги негира.

