Институцијата Народен правобранител повеќе од шест месеци е без раководство, откако мандатот на Насер Зибери истече во јули минатата година. Изборот на нов омбудсман е блокиран поради неспогодба меѓу парламентарните партии и неможноста да се обезбеди Бадентерово мнозинство, што подразбира поддршка и од пратеници од етничките заедници, вклучувајќи ја ДУИ.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска повторно ги повика партиските координатори да се договорат и да го изберат новиот народен правобранител, предупредувајќи дека нов оглас би значел дополнително одолговлекување и ризик за целиот изборен процес. Според него, изборот може да се реализира врз основа на минатогодишниот конкурс, без повторно распишување на оглас.
– „Ги повикав координаторите на пратенички групи да се усогласат околу изборот и да најдеме решение. Никој не го оспорува кандидатот, но разговорите ќе треба да продолжат. Времето нè притиска и институцијата веќе е без раководство“, изјави Гаши.
Предложениот кандидат, Фатон Сељами, поддржан од коалицијата „Вреди“, е раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Тетово, во Секторот за бесплатна правна помош. Опозициската коалиција НАИ, предводена од ДУИ, ја блокира неговата номинација, оценувајќи го како „партиски кандидат“ и предлагајќи друг посоодветен кандидат.
Недостатокот на нов омбудсман создава финансиски и оперативни проблеми во институцијата. Заменикот омбудсман, Илбер Руфати, повеќе не може да потпишува исплати за плати, а вработените немаат средства за кирии и комуналии за канцелариите во Скопје и во другите градови.
„Јануари ќе биде четврти месец како не плаќаме кирија, а проблемот со декемвриските плати се уште не е решен. Досега, пет месеци немавме проблем со потпишувањето на налозите, а сега ни објаснуваат дека потписот на заменикот не е ист со депонираниот во трезорот“, велат вработените.
Гаши исто така го изнесе својот личен став дека во Македонија не е потребна техничка влада пред избори, како што беше воведена со пржинскиот модел од 2016 година. Тој посочи дека редовните избори обезбедуваат стабилност и доверба во изборниот процес, и дека политичката и економската стабилност се подобро зачувани кога мандатите се завршуваат до крај.
„Со предвремени избори се создава нестабилност. Граѓаните треба на избори да ја вреднуваат власта според исполнетите ветувања, а не да се објаснува дека немало доволно време за нивна реализација“, рече Гаши.
Засега е неизвесно дали партиите ќе постигнат договор околу изборот на новиот омбудсман. Доколку ДУИ и останатите парламентарни партии не се усогласат, институцијата Народен правобранител ќе остане заглавена, што дополнително го загрозува функционирањето на механизмите за заштита на граѓанските права и законитоста на институциите.

