28.2 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Најновото нормално во меѓународните односи

Некои тврдат дека се движиме кон целосен хаос, но поверојатно, според мене, е дека се наоѓаме во некаков породилен период на нов систем на кој сѐ уште не му се гледаат целосно контурите.

Пишува: Петар Арсовски

Во последно време, една од најважните дебати во меѓународните односи е дали потегот на САД со Мадуро во Венецуела ќе го наречеме „апсење“, или „киднапирање“. Оваа дискрепанција не е само семантичка: низ таа дистинкција ќе се мери новото нормално во меѓународните односи.

Нема едноставен одговор – во двете опции постои сериозна дебата околу меѓународното право и повредливоста на сувереноста. Но, под оваа дебата, сметам дека се кријат две посуштински варијабли. Првата е, како ова ќе влијае на глобалната геополитичка сцена, особено во динамиката со Русија, и втората – како после овој потег (но и последниов период вкупно) ќе изгледа најновото „нормално“ во меѓународните односи.

Геополитичките последици за Русија од екстракцијата на Мадуро

Мислам дека последиците од екстракцијата на Мадуро, за Русија имаат малку покомплексна структура одошто она што го гледаме на прва линија. Секако, губењето на еден стратешки сојузник на западната хемисфера е непријатно, заедно со ограничувањето на пристапот до резервите на нафта, но истовремено, во овој потег на САД, Русија навидум има и сериозен бенефит: оваа воена операција на туѓо тло секако го нарушува суверенитетот на Венецуела, го повредува меѓународното право, и крши повеќе дипломатски конвенции.

Овој вид на „каубојско“ однесување му дава на Кремљ повеќе аргументи, но и ново воено поле за игра. Тоа ќе ги загрижи сојузниците на САД, неутралните ќе ги направи нервозни, а на Путин ќе му даде муниција за аргументи, но истовремено, ќе легитимира исти или слични потези во неговата сфера на влијание. Значи, навидум нерешено.

Трамп наспроти Путин

Но, геополитиката не е игра на аргументи и хартија, таа се одвива во реалниот свет, кој во последно време многу почесто зборува за нуклеарна закана одошто во претходните две или повеќе децении. Таа геополитичка игра е борба на перцепција, проценка на ризик, но најмногу и пред сѐ, анализа за тоа што вашиот „противник“ (иако не сум сигурен дека тоа е вистинскиот термин за Русија-САД во моментов), е подготвен да стори. Ако последните потези на САД се анализираат од оваа гледна точка, тие сѐ повеќе личат како сериозен стратешки проблем за Русија. Причината за ова е контрастот кој станува сѐ поочигледен: Путин е внимателен и пресметан, додека Трамп е непредвидлив и импулсивен. Во свет на нуклеарно оружје, оваа асиметрија не оди во полза на Москва.

Наспроти митолошките карактеристики кои му се припишуваат на Путин од локалниве романтичари, во основа се работи за лидер кој е претпазлив кога станува збор за меѓународните односи, особено во воено-политичка смисла. Неговите војни секогаш се пресметани и планирани, со инкрементална, а не непредвидлива ескалација, базирана на реципроцитет, но без драматични потези и преголем ризик. Неговите закани се внимателно дозирани, дури и најагресивните: Крим, источна Украина, дигиталната војна, нападот на енергетските капацитети, нарушувањето на воздушниот простор – тоа се потези кои се контроверзни, но се во основа, дизајнирани да не предизвикаат директна и неизбежна воена интервенција од САД или НАТО. 

Ова не е недостаток на храброст или дрскост (тоа го гледаме), повеќе е резултат на доктрина.  Руската одбрана или нуклеарно одвраќање (nuclear deterrence), во основа, почива на претпоставка дека западните сојузници (НАТО и САД), секогаш ќе одберат умереност наместо хаос (вклучително и нуклеарен хаос). Тоа ѝ овозможува на Русија да притиска, да го тестира трпението на НАТО, со утврдена анализа дека ескалацијата ќе запре далеку пред да стигне во вистинска конфронтација од која нема назад. Со други зборови, Путин верува во контрола, во предвидливост, верува дека актерите со кои ги вкрстува копјата, во основа се рационални и внимателни, со низок капацитет за ризик.  Сега тоа веќе не е случај.

Од кого треба да се плашиме?

Екстракцијата на Мадуро покажа дека, кога се работи за националните интереси, Трамп е подготвен на ризици кои самиот Путин најверојатно би ги избегнал. Трамп не е рационален стратег во руска смисла – тој не е ограничен од правила, процедура или консензус, често одлучува лично, инстиктивно и импулсивно, разбивајќи го впечатокот дека САД се ограничени од правото, од нормите или од стравот од ескалација.

Путин, на пример, во сите години војна со Украина, никогаш не се ни обидел да направи ваква операција против Зеленски, напротив, со најавите за средби, отворен дијалог и разговор преку посредници, тој сѐ уште го третира како легитимен меѓународен играч.

Трамп ги избриша сите тие норми со еден потег.  Во светот во кој живееме сега, оној кој полесно ќе одлучи „по ѓаволите со последиците“ – тој е оној од кој суштински треба да се плашиме.  Во моментот, за негова несреќа, тоа веќе не е Путин.

Дополнително, ова покажа и дека претседателот на САД е суштински поподготвен за новиот светски поредок – дека нема светски поредок. Путин уште изгледа заглавен во узансите кои се етаблираа после Втората светска војна – меѓународни односи базирани на правила, влез во суверени држави без воена најава или одобрение на Советот за безбедност на ОН се табу, а односите со нуклеарните сили се сепак менаџирани, а не хаотични. Ништо од тоа веќе изгледа дека не важи, особено со најавите на Трамп дека ќе го земе Гренланд „на еден или на друг начин“.

Сега живееме во свет во кој доминираат други варијабли: (1) моќ без протокол – Венецуела, Иран и Гренланд се најдобри примери како старите правила веќе не важат; (2) старите сојузништва се кршливи – НАТО и ЕУ веќе не се така хомогени и консензуални како што беа претходно, и индивидуални потези се веќе правило, а не исклучок; (3) институциите стануваат безначајни во критични моменти – доволно е само да ја погледнеме импотентноста на Советот за безбедност при ООН.

Хаотичен меѓупериод

Кон што се движиме, тогаш? Мислам дека стариот поредок секако се распаѓа, тоа е јасно. Некои академици тврдат дека се движиме кон целосен хаос, но поверојатно, според мене, е дека се наоѓаме во некаков породилен период на нов систем на кој сѐ уште не му се гледаат целосно контурите. Во основа, се наоѓаме во период на трансакциска меѓународна политика, во која има вакуум на моќ, и во која унилатералните потези се појавуваат побрзо одошто нормите и институциите имаат време да се адаптираат. Во таа смисла, не мислам дека ова е нов поредок (реал-политика без систем), туку зачеток на ново поставување на меѓународните односи. Проблемот е што овој хаотичен меѓупериод треба да се преживее и што никој не знае што ќе биде новиот поредок – ако воопшто стигнеме дотаму. /DW

Related posts

Понижување во Белата куќа – и што ни кажува тоа?

admin

Инфлација на образование

admin

КАДЕ СЕ КРИЈАТ РУСКИТЕ ШПИОНИ ВО МАКЕДОНИЈА?

admin

Да не нè залажува говорот на Марко Рубио

admin

Случајот за надворешната политика на Трамп во вториот мандат

admin

На Полска повторно и се заканува тиранин. Овој пат Европа не смее да го тргне погледот

admin