Пишува: Џелал Незири
Претходната година заврши со целосна доминација на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена, како кон нејзиниот традиционален ривал СДСМ, така и кон партиите на етничките Албанци. По победата на парламентарните и претседателските избори во 2024 година, партијата на премиерот Христијан Мицкоски практично немаше реална опозиција. Со победата и на локалните избори, оваа партија сега ги контролира сите нивоа и видови на власт, односно дојде до ситуација на апсолутна власт.
Отсуство на отчетност
Еден ваков момент не е здрав за ниту една демократија, дури ни за најетаблираните, бидејќи го нема системот на рамнотежа и проверка. Отсуството на ваков систем доведува до слаба или никаква хоризонтална и вертикална институционална отчетност, која е клучна димензија на квалитетот на една демократија.
Вертикалната отчетност подразбира реферирање пред главната и најмоќната институција во нашиот политички систем – Собранието. За да се оствари тоа, потребен е квалитетен собраниски состав, составен од пратеници кои најпрво се претставници на граѓаните, а потоа и на политичките партии. Хоризонталната отчетност, пак, значи одговорност пред останатите институции, било да се истражни, регулаторни или независни тела, како што се Антикорупциската комисија, Заводот за ревизија, Централната банка и слично.
Абсолутна власт без опозиција
Една апсолутна власт, со бледа опозиција и со партии на етничките Албанци кои се натпреваруваат кој прв ќе стигне до вратите на власта, не ветува висок квалитет на демократијата.
Како стигнавме до оваа состојба? Мислам дека има неколку политички и општествени фактори. Политичките се поврзани со СДСМ, каде неколку фракции се бореа меѓу себе, при што некои влегоа во тајни сојузи со ВМРО-ДПМНЕ. Но и општествените фактори играат улога, бидејќи постои потреба за цврст лидер кој ќе владее со силна рака и, без зависност од функционирањето на системот, ќе ги решава проблемите.
Дали евроинтеграциите ќе се деблокираат?
Јас сум оптимист дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја имаат научено лекцијата од владеењето 2006–2016, кога, достигнувајќи до моментот во кој се наоѓаат сега, се изолираа со цел да владеат долгорочно. Ние живееме во свет кој е длабоко и повеќеслојно поврзан, каде сојузите со вистинските партнери се предуслов за стабилност и прогрес. Северна Македонија географски е дел од Европа, дел од т.н. Западна Хемисфера и, како таква, нема друга алтернатива освен ЕУ. Прашањето е само кога ќе се стигне таму – дали сега, со условите од Софија кои се дел од преговарачката рамка, или подоцна, со нови условувања од други земји кои во меѓувреме ќе станат членки на Унијата. Затоа сум оптимист дека оваа влада ќе се води од интересот на државата, а не на соседните земји, и ќе го спроведе Францускиот предлог уште во првата половина од 2026 година.
Ако започнат преговорите со ЕУ, тоа ќе го зголеми потенцијалот за економски раст. Гледаме дека оваа година странските директни инвестиции стагнираат, а некои компании се повлекоа. Без реформирано судство, ќе исчезнат и други инвеститори, а нови нема да дојдат. Покрај стабилноста загарантирана со НАТО, судството е клучен фактор кој влијае на одлуката на инвеститорите да дојдат и да градат фабрики тука.
Доминација на постојаните теми
Темите и во 2026 година се очекува да останат слични – главно етнички. Поголемиот дел од граѓаните се мобилизираат токму преку такви теми, за жал. Етно-национализмот е карта која партиите вешто ја користат за мобилизација на масите кога немаат конкретни резултати, и верувам дека ова ќе продолжи да биде водечка точка на јавната агенда. Особено кога предвремените избори , во мај или септември, се повеќе им одговараат на главните политички субјекти. Предиграта започна со лидерската средба, иако довербата меѓу тие лидери е скоро непостоечка.

