Европската унија не ги отфрли барањата на превозниците од Западен Балкан во врска со правилата за престој во Шенген-зоната, изјави претседателката на Асоцијацијата на транспортери „Макам транс“, Билјана Муратовска, демантирајќи ги информациите објавени во дел од регионалните медиуми.
Муратовска за медиумите изјави дека стратегијата за визи на Европската Унија претставува официјален документ со кој професионалните возачи се препознаваат како посебна категорија, и дека во тек се разговори за преодно решение до следниот состанок на Европската комисија, кога се очекува дискусија за нова визна либерализација за оваа група.
„Не станува збор за одбивање на барањата. Се работи на трајно решение кое треба да го надмине проблемот со престојот на возачите во Шенген-зоната. Во меѓувреме, бараме преодно решение со кое нема да се применува правилото 90/180 за професионалните возачи“, рече Муратовска.
Според важечките правила, државјаните од трети земји можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена, по што е потребна долгорочна виза или дозвола за престој.
Спротивставени информации
Регионални медиуми во вторникот објавија дека Европската комисија ги отфрлила сите предлози доставени од земјите од Западен Балкан, со кои се бараше олеснување на ограничувањата за престој на камионџиите и останатите превозници на тежок товар.
Според изјава на учесник на последниот состанок, пренесена од црногорските медиуми, претставници на Комисијата порачале дека предложените решенија „не се во согласност со Шенген правилата“ и дека возачите треба да се прилагодат на режимот 90/180.
Превозниците претходно предложија воведување посебни визи или документ со кој би им се овозможил подолг престој без промена на живеалиштето, како и времето поминато во транзит да не се смета во вкупниот дозволен престој.
Муратовска изјави дека засега нема одлука за нови блокади, бидејќи се очекува нова рунда разговори во Европскиот парламент во наредните недели. „Со протести не се решава проблемот. Потребно е системско решение“, додаде таа.
Инциденти и казни
Минатата недела двајца возачи, од Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, биле санкционирани во германското пристаниште Росток поради надминување на дозволениот престој. Босанскиот возач бил депортиран и добил едногодишна забрана за влез во ЕУ, додека македонскиот возач бил казнет со 150 евра и ја напуштил Германија доброволно, откако го пречекорил престојот за три дена.
Транспортните компании предупредуваат дека доколку продолжи примената на строгото толкување на правилото 90/180, дел од фирмите би можеле да се соочат со затворање.
Дијалогот продолжува
Од Министерството за транспорт соопштија дека дијалогот со Европската комисија е активен и дека сите можности се разгледуваат во рамки на техничка работна група составена од надлежни институции и претставници на Комисијата.
Стопанските комори повикаа на итно системско решение, оценувајќи дека транспортот е клучен за конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во стратегиската анализа објавена од Европската комисија се наведува дека актуелниот режим од 90 дена во период од 180 дена создава предизвици за сектори кои зависат од постојана прекугранична мобилност, вклучително и товарниот транспорт, што е особено значајно за земјите од Западен Балкан.
Во фокусот остануваат најавените разговори со Брисел, од кои превозниците очекуваат конкретен модел за олеснување на движењето на професионалните возачи во Шенген-зоната.

