30.1 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Во власта по секоја цена – за џабе

Замислете сценарио каде ДУИ, ВЛЕН и АА би ја одбиле понудата на ВМРО-ДПМНЕ за учество во Владата затоа што не било прифатено скоро ниту една точка од нивната предизборна програма.

Пишува: Џелал Незири

До денес, етничките Албанци во Северна Македонија немале поанемична политичка сцена како актуелната.

Влегувањата и излегувањата од Владата во текот на речиси една деценија зборуваат за длабока криза на политичкото претставување на албанските граѓани. Внатрешните поделби, фракциите, новите партии со стари луѓе, клиентелистичките партиски структури и недостигот од минимум етика во политичкото дејствување, го изнесоа на површина отсуството на основна политичка содржина кај постојните партии. Оваа криза дополнително се продлабочи со нумерички коалиции без идеолошка основа, создадени со една единствена цел – учество во власта.

Власта, за жал, одамна стана цел на албанските партии, наместо средство за остварување на целите. Оваа замена на поимите е тесно поврзана со нормализирањето на клиентелизмот, кој започнува од лидерот и завршува кај гласачот.

Програмите постојат само за да постојат, предизборните ветувања – само за да се изговорат, а идеологијата (идејата и идеалот) – само за идентификација. Принципите и вредностите се заборавени, останаа само интересите.

Дали е неопходно етничките Албанци да бидат секогаш дел од власта? Не. Неопходно е да се почитува Уставот, кој ги вклучува амандманите од Охридскиот рамковен договор, Законот за употреба на јазиците и механизмите за заштита од мајоризација во Парламентот, како што е Бадентеровиот принцип. Со други зборови, секој што ќе биде именуван на владина функција има обврска да ги почитува и спроведува одлуките на Парламентот. Затоа се нарекува извршна власт – затоа што ги извршува (спроведува) документите донесени од законодавната власт, како што се Уставот и законите. За да се применува албанскиот јазик во комуникацијата со етничките Албанци, не е нужно функционерот да биде Албанец. За да се обезбеди рамномерен регионален развој, не е неопходно министерот за локална самоуправа да биде етнички Албанец. За да се почитуваат етно-културните права на Албанците, не мора носителот на функцијата да биде Албанец. Доволно е да ги спроведува Уставот и законите на државата и да ги испорача очекуваните резултати.

Парламентот е клучната институција во државите со парламентарен демократски систем. Тој е институцијата што ги создава сите други институции, бидејќи ја има легитимната моќ на суверенот изразена на избори. И Владата, односно извршната власт, се избира и се разрешува од Парламентот. Тука треба да биде фокусот на албанските партии, водејќи сметка во своите редови да имаат добро подготвени пратеници со јасен етички и морален компас. Доколку парламентарното присуство на Албанците би било приближно на нивниот избирачки потенцијал, ќе имавме поинаков наратив. Но, за жал, поголемиот дел од пратениците се доживуваат како дисциплинирани гласачи, без да го искористат ни минимумот од механизмите што им стојат на располагање за зголемување на квалитетот на претставувањето на гласачите или на своите партии.

Албанските партии не треба да трчаат по власт без реална власт. Во многу земји во светот не се формира влада поради идеолошка неусогласеност меѓу партиите. Односно, втората или третата партија одбива учество во власта поради големи разлики со победничката партија во многу сфери – од социјални и еколошки, до економски и политички. Такви примери има многу, дури и во регионот. Непобедничките партии во Косово или Бугарија не овозможија формирање влада за првопласираните партии со цел да го зачуваат својот политички идентитет.

Замислете ако ДУИ, ВЛЕН и АА би ја одбиле понудата на ВМРО-ДПМНЕ за учество во Владата затоа што не прифатила ниту една точка од нивната предизборна програма. Не држи аргументот дека ВМРО-ДПМНЕ има голема моќ бидејќи има потребно парламентарно мнозинство и без албанските партии. Без разлика колку пратеници ќе освои една македонска партија, таа не може да формира стабилна влада без албански партнер. ВМРО-ДПМНЕ го знае тоа и затоа ја користи стратегијата на привлекување во стилот „ако не влезеш ти, другиот чека зад вратата“, со цел колку што е можно повеќе да ја намали тежината на албанските партнери во владата. Оваа политичка игра е целосно легитимна, иако на долг рок создава основа за фрустрации кај етничките Албанци.

Ова трчање по власт ќе продолжи бидејќи е резултат на отсуството на јасна идеологија кај албанските политички партии, која би служела како морален компас во нивното дејствување. Таквата идеологија би подразбирала идеи, идеали, принципи и вредности кои не се прекршуваат и за кои не се прави компромис. Актуелниот екстремен прагматизам на албанските партии многу брзо ќе ги делегитимира токму нив, бидејќи се губи смислата на нивното постоење. Со текот на времето, тие сè повеќе ќе наликуваат на акционерски друштва отколку на субјекти на политичко организирање. Партиите имаат гласачи, а компаниите – клиенти.

Related posts

Дали Скопје навистина сака во ЕУ?

admin

Случајот „Safe City“: Може ли дигитализацијата да ја спаси државата од самата себе?

admin

ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ НА ИСТ ДЕН?!

admin

Курти победи, но дали ќе формира влада?

admin

Можни сценарија во случај на распад на германската влада

admin

Двојните избори во РСМ: Се насетува ли “диригираната демократија“?

admin