Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, се сретна со претседателот на Сенатот на Чешката Република, Милош Вистрчил, на маргините на Конференцијата на претседатели на парламенти во Будимпешта, соопштија од парламентот.
Двајцата соговорници ја потврдиле заложбата за унапредување на соработката меѓу земјите од Вишеградската група и државите од Западен Балкан.
Милошоски изразил благодарност за, како што навел, континуираната поддршка што Чешка ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на европска интеграција.
„Заедничка констатација е дека унапредувањето на соработката меѓу земјите од Вишеградската група со државите од Западниот Балкан е взаемно корисен процес за искористување на стопанските потенцијали, како и за подобро усогласување на ставовите во однос на глобалните предизвици за Европа“, изјави Милошоски по средбата.
На состанокот било разговарано и за билатералните односи, како и за актуелните состојби во регионот, се наведува во соопштението.

