Грција, Франција и Германија испраќаат воена помош на Кипар по нападот со дронови врз британската воздушна база на островот, јавуваат официјални извори.
Франција најави дека ќе испрати фрегата и копнени системи за противдронска и противракетна одбрана, додека Грција распореди две фрегати и четири борбени авиони Ф-16 на Кипар. Германската влада потврди дека ќе обезбеди логистичка и воена поддршка.
Грчкиот министер за одбрана, Никос Дендијас, рече дека распоредувањето на силите е превентивна мерка по нападите со беспилотно летало и по заканите поврзани со регионалните конфликти на Блискиот Исток.
Неименувани кипарски функционери наведуваат дека дроновите кои ја нападнаа британската база најверојатно биле лансирани од Либан и се припишуваат на групата Хезболах, а не директно на Иран.
Кипарските власти ги предупредија граѓаните да се подготват за вонредни ситуации, со препорака да обезбедат основни залихи на храна, вода, лекови и топла облека. Состојбата доведе до евакуација на аеродромот во Пафос и затворање на училиштата на островот.
Европските дипломати изразија загриженост од можна ескалација на конфликтот и одложија состанок на министрите на ЕУ на Кипар.

