Коалицијата ВЛЕН вечерва ќе одржи состанок на кој, според најавите, ќе се конкретизира идниот начин на функционирање и ќе се дефинираат новите партиски органи, по последните внатрешни политички тензии.
Лидерот на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека министрите Фатмир Лимани и Арбен Фетаи „повеќе ја немаат поддршката на коалицијата“, што отвора прашање за можни промени во владината структура.
„Премиерот Христијан Мицкоски не беше многу прецизен околу тоа што значи реорганизацијата на ВЛЕН за двајцата членови на Владата кои очигледно повеќе ја немаат поддршката на коалицијата“, изјави Касами.
Премиерот Мицкоски претходно изјави дека реконструкција на владата е можна во мај или јуни и дека повеќе прашања ќе се отворат на политичка маса.
„Имаме најавено дека во мај или јуни ќе имаме реконструкција на Владата и многу прашања ќе се стават на маса и ќе се разговара“, изјави Мицкоски.
Според партиски извори, ВЛЕН се движи кон модел на функционирање со двајца ко-претседатели – Билал Касами и Изет Меџити – додека се очекува и прераспределба на останатите раководни функции, вклучително потпретседатели и генерален секретар.
Политичките случувања во рамки на коалицијата доаѓаат во период на засилени внатрешни несогласувања и најави за можна реконструкција на Владата.

