Премиерот Христијан Мицкоски најави регионална иницијатива за енергетика, со цел заеднички настап на земјите од Западен Балкан и привлекување големи инвестиции, оцени премиерот на денешната прес-конференција.
Мицкоски посочи дека во различни фази се околу 17 проекти кои потенцијално би донеле до 5.000 нови работни места. „Ако сами настапуваме, се плашам дека нема да бидеме препознаени од инвеститорите“, рече премиерот.
Според него, глобално постои значителен инвестициски потенцијал во наредните десет години, а дури и мал дел од тие средства би значел трансформација за регионот. „Ако целиме на 0,01% од таа сума, тоа се околу четири трилиони долари, што би можело да донесе околу 400 милијарди годишно во регионот“, додаде Мицкоски.
Тој информираше дека се работи на повеќе енергетски проекти, меѓу кои ветерниот парк „Алказар“ во Штип, Радовиш и Карбинци, вреден околу половина милијарда долари, за кој инвеститорот веќе добил градежни дозволи. Почетокот на изградбата се очекува во април, по Велигден. Мицкоски ги спомена и проектите Чебрен, Галиште и Бошков Мост, како и гасните електрани во соработка со турскиот холдинг „Акса“, гасните интерконектори со Грција и Србија и далноводот од 400 киловолти меѓу Битола и Елбасан.
„Енергетските инвестиции се директно поврзани и со развојот на технологијата. Вештачката интелигенција не може да функционира без дата центри, а тие не можат без електрична енергија“, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека регионалниот самит во Подгорица ќе овозможи подетално разгледување на иницијативата и претставување на проектите пред потенцијални инвеститори. „Веќе се запознав со неколку компании на Светскиот бизнис форум во Давос, кои покажаа интерес за вакви проекти“, рече Мицкоски.
Мицкоски исто така ги оцени актуелните инвестиции на државната компанија ЕСМ и рече дека таа денес заработува на дневна основа, во споредба со минатото кога се користеше за набавки на скапи горива и мазут, додавајќи дека Владата се посветува на економски и енергетски стабилни политики.

