Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека е пронајдено тело на жена во селото Зрновци, а истрагата за случајот е во тек.
Од МВР информираат дека пријавата била примена околу 10:40 часот, кога во близина на локалитетот „Ѓошевски орев“, покрај Зрновска река, било забележано безживотно тело.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од полицијата.
Од Јавно обвинителство наведоа дека јавен обвинител извршил увид на местото на настанот и дека телото засега не е идентификувано. Ќе биде наредена обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Властите не соопштија дополнителни детали, додека истрагата продолжува.

