Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова Трајчева на предметите поврзани со трагедијата, изразувајќи загриженост дека прераспределбата на случаите може да доведе до одложувања и нарушување на постапката.
На протестен марш во Кочани, 39-ти по ред од несреќата, семејствата повторно побараа правда за загинатите, реагирајќи на одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот на Трајчева во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според нив, предметите што ги водела обвинителката, а се однесуваат на полициски службеници поврзани со трагедијата, ќе бидат доделени на нов обвинител кој ќе треба од почеток да се запознае со обемната документација.
„Трајчева работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување не е во корист на постапката“, изјави Александар Наунов, претседател на здружението „16 Март 2025 г. Кочани“.
Од Советот на јавни обвинители претходно соопштија дека предметите нема да стагнираат и дека ќе бидат итно распределени на друг обвинител, кој ќе ја продолжи постапката.
Обвинителката Трајчева во изјава за Телма одби да ја коментира одлуката.
На протестот, дел од родителите обвинија дека институциите со месеци не одговараат на нивните барања поврзани со обдукцијата на телата на жртвите, особено дали биле направени хемиски анализи за можно присуство на цијанид.
Мита Тасева, мајка на еден од загинатите, рече дека семејствата испратиле дописи до надлежни институции, но досега не добиле одговор. Таа додаде дека, доколку се потврдат наводите за присуство на токсични супстанции, ќе се отвори прашањето за кривична одговорност.
Пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, предизвика јавна дебата за одговорноста на институциите и безбедносните стандарди.

