Министерството за здравство објави јавна набавка за 100 нови амбулантни возила со надградена медицинска опрема, во рамки на одлука донесена на седница на Владата, со цел зајакнување на капацитетите на здравствениот систем за итни интервенции.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 461.250.000 денари, а во тек е законскиот рок за поднесување понуди од заинтересираните компании.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека набавката ќе придонесе за значително подобрување на одговорот на здравствениот систем при итни состојби.
„Набавката на 100 нови амбулантни возила значително ќе го унапреди капацитетот на здравствениот систем за одговор при итни состојби и ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција, како и навремен транспорт на пациентите до соодветните здравствени установи“, изјави Алиу.
Тој додаде дека возилата ќе бидат опремени со современа медицинска опрема и ќе бидат распределени во здравствените установи низ целата држава, со цел да се обезбеди подобра покриеност, особено во руралните средини.
Според Министерството, инвестицијата е дел од поширок процес за зајакнување на системот за здравствен одговор во кризни ситуации, преку модернизација на службите за итна медицинска помош и зголемување на оперативната способност за брз и координиран одговор.
Оваа мерка доаѓа во услови на зголемен притисок врз здравствениот систем, при што властите најавуваат континуирани инвестиции во инфраструктурата и опремата со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги.

